Косовските болничари и помошниот медицински персонал ангажиран за справувањето со пандемијата на Ковид-19 денеска излегоа на протест пред Министерството за здравство на Косово, со барање да им се исплатат заостанатите три месечни плати, јави дописникот на МИА од Приштина.
Изразувајќи го револтот поради некоректниот однос на властите кон нив, болничарите и помошниот персонал порачаа дека ќе го напуштат Косово, како и многу нивни колеги и лекари.
– Господине министре, одговорете ни до 16 часот, зашто во 17 имаме курс по германски јазик, пишуваше на еден од транспарентите што го носеа на протестот.
Меѓу пораките упатени до надлежните органи беа и следните: „Вие сите се гордеете со справувањето со пандемијата, но заслужни за тоа сме ние“, „Хероите на пандемијата заборавени од Владата на Косово“, „Го ризикував мојот и животот на семејството за тебе и твоето семејство, а еве како ме наградувате“ и слични.
Болничарите и помошниот персонал порачаа дека ќе продолжат со протестот сé додека од Министерството за здравство не добијат конкретен одговор за нивните барања.