Со денешното гласање спасивме 60.000 работни места кои ќе добијат милијарда и 920 милиони денари во плати за месеците февруари и март, објави вечерва пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.

-Компаните од најпогодените сектори имаат на располагање 615 милиони денари кредити со 0% каматна стапка. Од таа причина во ниту еден миг не се поколебав дали тоа што правиме е исправно. Нека ДПМНЕ плукаат колку сакаат ние ја работевме работата за која сме платени и така и ќе продолжиме. Тероризам е да свесно сакаш 60.000 луѓе да останат без плати во најголемата светска здравствена и економска криза, да бојкотираш парламент, да не доаѓаш на работа кога најмногу си им потребен на граѓаните, објави Костадинов на Фејсбук.

И додека огромен број граѓани и медицински стручњаци се згрозени од чинот што власта го направи со внесувањето на заразени пратеници во Собранието, власта прави триумф од изгласувањето на антикризните мерки за кои гласаше и опозицијата (вкупно 113 гласови од потребни 61).

Има остри реакции за овој преседан, со кој се загрозува здравјето на граѓаните, и им се испраќа лоша порака за (не)почитување на мерките против коронавирусот, кои ги носи самата власт и ги прекршува заради сопствен маркетинг.

Костадинов ја замајува јавноста со 60.000 спасени работни места, а толку всушност, а можеби и повеќе луѓе останаа без работа токму поради способноста на власта за „розови слики“, но не и за справување со последиците од коронавирусот.

(Д.Г.)