Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов негатор на македоснката национална посебност, култура и јазик, кој заговара вето за Македонија во ЕУ, денеска беше еден од гостите на отворањето на новите простории на Бугарскиот културен центар во Скопје.
Бугарскиот Костадинов од партијата Преродба (Возраждание), смета дека Бугарија треба да ја анектира Македонија и дека таа е „втора бугарска држава“.
Тој на почетокот од месецов во бугарскиот парламент изјави:
– Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа, изјави Костадинов во Народното собрание на Бугарија.
Министерката за култура Бисера Kостадиновска-Стојчевска на денешното отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, одговараше на новинарско прашање во врска со иредентистичките изјави на бугарскиот пратеник Костадинов.
– Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави се најмалку европски и воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како што е овој денеска, рече министерката Kостадиновска-Стојчевска.
Уметничката креативност нека биде поле за културен натпревар во кој победник е културата, објави Владата на Република Македонија по повод отворањето на Бугарскиот културен центар во Скопје.
– Министерката Костадиновска-Стојчевска на отворањето на бугарскиот КИЦ во Скопје, потенцираше дека овој клуб и нашиот, македонскиот, во Софија, имаат за цел – да нė поврзат, да нė едуцираат едни за други и преку културата да нė доближат и како народи и како пријатели, се вели во соопштението од Владата објавено на официјалниот профил на Фејсбук.
Видеото на ТВ Алфа со денешната изјава на Костадинов може да го отворите ТУКА.