Ниту еден државен службеник не троши буџетски, народни пари за партиската кампања „На прав пат“ која ја спроведуваме, изјави денеска портапролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање.

Костадинов беше прашан дали се вмешани функционери и се користат ли државни ресурси оти владини функционери патуваат на партиската кампања „На прав пат“.

– Секако ниту еден државен службеник не троши буџетски, народни пари за партиската кампања којашто ја спроведуваме, но секако ред е тоа што сме го сработиле да навистина го презентираме пред граѓаните, секако пред нашето членство. Затоа што навистина веруваме и ние, а со нашите посети не уверуваат и граѓаните дека навистина РС Македонија е на прав пат. Сите нови мерки и во областа од економијата и во труд и социјалната политика или патната инфраструктура, железничката инфраструктура, изградбата на гасификационата мрежа, сето тоа се потврди секако да не го заборавиме и процесот на интеграција, очекуваме позитивен исход сега на 17 или 18 октомври. Сето тоа е потврда, дека државата е на прав пат, нормално и добро е секоја политичка опција тоа да го искомуницира со граѓаните. За разлика од тоа, го имаме ВМРО-ДПМНЕ која продолжува со стари ликови кои се силни поддржувачи на груевизмот за 11 годишното владеење каде што навистина државата ја туркаа и буткаа кон изолација и не можевме никој глава да кренеме, за разлика од нив, ние имаме што да разговараме со граѓаните и тоа искрено, одговори Костадинов.

Тој на прашањето дали во партијата имаат финансиска конструкција и колку ќе чини тој проект одговори:

– Како партија имаме обврска да поднесуваме финансиски извештаи. Јас не сум во тек со таа работа, но секако ќе имате можност во финансиските извештаи да го видите тоа, рече Костадинов.