Партиската кампања ја фрли во сенка министерската оставка за трагичниот пожар во тетовската модуларна болница. И додека партискиот лидер и премиер Зоран Заев „час поскоро“ ги чека резултатите од истрагата што се случи пред еден месец, министерот Венко Филипче и пратеникот и кандидат за градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов „пазарат“ гласови кај граѓаните од струмичките пазари.

– Од пазарот Чешел продолживме кон пазарот во ТЦ Глобал. Таму секогаш нѐ пречекуваат насмеани и услужливи луѓе, подготвени да го изберат најдобриот производ од нивната тезга за да добијат задоволен муштерија. Заедно со потпретседателот на СДСМ и министер за здравство, Венко Филипче разговаравме со продавачите во Глобал за нивните секојдневни активности и предизвици со кои се соочуваат, објави Костадинов на Фејсбук.

Костадинов и Филипче од граѓаните на Струмица бараат да го изберат „најдоброто за општината“, која сега ја крстосуваат в долж и попреку, а болницата од истата таа општина пред нецела година собираше доброволен прилог за да набави возило за брза помош.