Подготвени сме кога ЕУ ќе одлучи да ги отпочнеме преговорите, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање.

Костадинов беше прашан дали постои договор помеѓу партиите за одложување на изборите закажани за 12 април, во случај да не завршат ратификациите на договорите за влез во НАТО и дали СДСМ има став во однос на едно вакво сценарио?

– Оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев направи се во однос на интегративниот процес на државата. Подготвени сме кога ЕУ ќе одлучи да ги отпочнеме преговорите, до тогаш јасно е дефинирано на лидерската средба, побаравме брзи предвремени избори, на 22 декември, но ВМРО-ДПМНЕ побегна од избори. Ние сме спремни и за почеток на преговорите со ЕУ, секако и за брзи избори кога и да се одржат. Единствени кои што бегаат од брзи предвремени избори се ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, одговори Костадинов.

Во врска со лидерската средба и за тоа кој побегна од брзи избори и кој (не) ја говори вистината, викендов, во изјава за ТВ Алсат, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев рече:

– Секој сака да ја изнесе својата вистина, меѓутоа на крајот на денот има само една вистина, изјави Јанушев, кој беше гостин во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.

Тој истакна дека секоја политичка партија која присуствуваше на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, си има различна страна од приказната.

– Јас и јавно повикав да се објави вистината, односно да се објават стенографските белешки. Она што всушност се случуваше на средбата е тоа што господинот Мицковски му кажа на премиерот Заев дека е неминовно да има 100 дена техничка влада. Законот за влада е доволно јасен и прецизен и дека техничката влада мора да биде најмалку 100 дена. Роковите од 45, 60, и 90 дена помалку или повеќе се однесува на периодот во кој се распушта Собранието и слично. Така што, нема никаква колизија со Уставот. Затоа понудивме оваа недела, значи по лидерската, да се распушти парламентот броиме 100 дена, кога и да биде тој ден 12, 25 или било кој јануари, и нека се одржат изборите. По ова Заев ретерираше и не го прифати тоа, изјави Јанушев.