На Струмица и се потребни конкретни и прецизни мерки за решавање на загадувањето, вели градоначалникот на родниот град на бившиот премиер Зоран Заев, кој дојде на власт со многу ветувања, меѓу кои и „чисто ајро не само за Ајродром“ туку и во цела Македонија.
Но, власта си врви, а загадувањето продолжува и да „лае и каса“. Затоа Костадинов апелира за помош:
– Струмицо моја слушни ме. Јас како поединец сам нема да го решам загадувањето на воздухот. Денеска предложив и Советот ја прифати една од најважните мерки, директна субвенција на цената на природен гас за домаќинствата. На секој потрошен кубен метар природен гас ќе добивате по 10 денари субвенција. Апелирам, користете ја мерката во наредната 2022 година, колку повеќе приклучоци толку почист воздух. Мораме да ја менуваме свеста, се работи за наше заедничко добро. Нека Струмица биде пример за цела држава па и пошироко. Од срце за Струмица, објави Костадинов на неговиот официјален профил на Фејсбук.
А тие што се сеќаваат неколку години наназад, ќе се присетат дека токму власта во која беа и Костадинов и неговиот ментор Заев, беа против минувањето на рускиот гасовод низ Македонија. И така се случи, гасоводот ја заобиколи Македонија на патот кон Европа и земјите од ЕУ.
Инаку, деновиве, Струмица е еден од најзагадените градови во Македонија, а гасот во Струмица се транспортира со цистерни.
(Д.Г.)