Колку поревносно го празнуваме 11 Октомври, толку помалку ќе даваме значење на оние провокации што ни се случуваат овие денови во нашата држава, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа ова го одговори прашана дали со отворањето на бугарските клубови во Битола и Охрид именувани според фашисти и соработници на фашистички режим се фрла сенка врз празнувањето.

– Ова е наш празник, празник за нашите борци, празник за мојот дедо кој својот живот го даде за слободата што ја уживаме денес. Денот на народното востание, ден кога им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Инаку, провокациите за кои зборува министерката Костадиновска-Стојчевска, се случуваат со амин на Владата во која таа седи и која досега не реагирала до „изворот“ од каде што доаѓаат и се финансираат во „нашата држава“, за да не се нарушат „пријателските односи“ на патот кон ЕУ.