Хрватската старлета која беше гостинка кај претседателот Стево Пендаровски не прекрши ниеден закон и нема причина за реакција, се вели во реакцијата од Кабинетот на Претседателот на државата.

Претходно имаше реакции од граѓани на фотографиите и видеото на кое хрватската старлета Нивес Целзиус прикажува како бакнува двајца гардисти која ја чуваат резиденцијата на Пендаровски.

Од Кабинетот на Пендаровски за Прес 24 појаснија дека хрватската старлета Нивес Жељковиќ, позната како Целзиус на прием била на покана на Спортското радио. Оттаму велат дека таа не прекршила никаков закон и нема простор за реакција на Кабинетот.

-По повод одржувањето на 30. јубилеен Турнир во мал фудбал на медиуми, во организација на Спортско радио, во Кабинетот на претседателот се одржа краток прием за учесниците и организаторите на турнирот. Нивес Жељковиќ беше на листата на гости на Спортско радио. Однесувањето на секој од присутните гости за време на приемот зависи од нивниот личен интегритет и домашно воспитување, а во тој дел сè додека не се прекршени законите, нема простор за наша реакција, велат од Кабинетот на Пендаровски за порталот Прес 24.