Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат на СДСМ, Стево Пендаровски минал 80.000 километри за време на неговиот мандат, откако го продаде Југото, кое му послужи за да ја прикаже скромноста на претходните избори во кампањата што ја водеше со бившиот премиер и бивш лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Ова го кажа актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска која беше гостинка во 10 минути на ТВ21. Таа рече дека е „среќна и убедена дека концептот што го предводи Пендаровски ќе биде победничкиот“.
– Со сите граѓани имаше еден интересен пат кој, самиот го истакна дека во изминатиот мандат, тој поминал околу 80.000 километри низ РС Македонија. Покажа голема почит и кон културата и кон спортот и кон младите и кон образованието не само кон она што се претпоставуваше до пред извесен период дека е обврска на еден претседател на државата така да морам да кажам дека сум навистина среќна и сум убедена дека концептот којшто стои и којшто претседателот Пендаровски го предводи ќе биде оној победничкиот, рече Костадиновска-Стојчевска за ТВ21.
Инаку, да потсетиме дека на претходните претседателски избори, Пендаровски беше прикажан како скромен човек, кој вози Југо. Но, набргу потоа се дозна дека имал и друг автомобил, а Југото го продал. Тогаш се истакнуваше скромноста со скромниот автомобил, а денес пак поминатата километража без него, која и не е баш скромна.
Оваа статистика би била поцелосна кога јавноста би знаела со какви превозни средства Пендаровски ја направил километражата. Колку бензин или нафта е потрошено, кој платил за тоа и колку проблеми решила таа километража во Македонија. И колку од 80.000 поминати километри ги минал низ Република Македонија, а колку од нив низ Северна! И конечно: која придобивка имаат Македонија и Македонците за време на неговиот мандат, освен придавката пред името на државата што ја води, а за која народот му плаќа кирија во Вила Водно.
(Д. Г.)