Наташа КОТЛАР

Колку пати „народната“ власт ќе го осуди и ќе се откаже од ПЕТРЕ ПИРУЗЕ-МАЈСКИ, првоборец, асномец и потписник на Манифестот, прв повереник за правосудство на ДР Македонија. За правосудство, господо!
Не е чудно, што академик Блаже Конески, своевремено напишал: „Како се измешал светот, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен, штом гледам што е нашево сега, нашето минато“.
Ова го истакнувам, заради тоа што вчера во етерот прозвучи новата „брилјантна“ идеа на скопскиот градоначалник за нови имиња на скопските улици и плоштади.
Во ова „пучко“ замајување, прозвучи и намерата скопската улица „Петре Пирузе“ да се именува како „Мексичка“!
Чие име сакате да избришете? На, оној ште беше осуден од бугарската окупаторска власт на смрт во 1941 г., на оној што беше охридска, дебарчанска и македонска легенда во НОБ, на оној, кој што успеа и со дело и со акција да направи посебна зона во западниот дел на Македонија, каде што се формираа партизанските одреди „Славеј“, „Јане Сандански“, баталјонот “Мирче Ацев” и Македонско-косовската бригада, на оној кој беше за автокефална македонска црква, на оној кој заедно со Методија Андонов Ченто, Панко Брашнаров и другите ги постави темелите на македонската слободна држава, на оној кој заради своето македонство доживеа и голоточка судбина, на оној кој даде сè, а не доби и ниту зема нешто од македонската држава и општество.
Единствено доби еден споменик пред охридскиот суд, од македонската адвокатска комора. Не доби од своите сограѓани, не доби од македонската држава, а сега дури и скопјани му го земаат споменот! Мизерно, господо! Сега и разбирам, зошто Историјата како предмет е осакатена од оваа „народна и северна“ власт! За да ни го избришат сеќавањето, достоинството, македонството!
На ова нихилистичко однесување, доволна е Гоцевата поука: „Овчка главо, запомни дека пред оние, на кои им ја должиш можноста да го напишеш своето име – ч о в е к, треба да стоиш без капа и кога ги пцуеш!“