Наташа Котлар, кандидат за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, вечерва во емисијата ,,Само вистина” на телевизија Канал 5 дебатираше со својот противкандидат од СДСМ, Горан Герамимовски. Котлар рече дека неопходно е самиот град Скопје да си преземе мерки во регулирањето на сообраќајниот хаос особено на главните булевари, кои се под надлежност на град Скопје.

-Она што мене најмногу ми пречи е што нема ниту една населба, ниту една улица каде што граѓаните нема да ви се пожалат дали за квалитетот на улицата или за надвиснатите згради кои веќе во моментот се во градба. Во должината на Васил Ѓоргов толку се начичкани зградите што имаме згради под остар агол, само што не си влегуваме едни во други.

Меѓутоа, кога ќе забележите долу веднаш наговестува дека тоа ќе бидат деловни простории, а не забележувате место за паркирање. Мислам дека најголемиот дел во овој дел од од градот, општина Центар е местата за паркирање. Затоа кога зборувам за СТОП бетонизација мислам на конкретно анализирање на ДУП-овите затоа што таму ги имаме сите параметри дали ни треба јавна институција, социјална, културна па и станбена и затоа мора да ги анализирате сите нешта кои нема да ви создадат проблеми – рече Котлар.

Котлар потенцира дека она што сега се случува во општина Центар е непроток и не дозволува движење на возилата и дека потребно е едносмерни улици и создавање на пешачки зони од Градскиот парк во правец на плоштадот кон Триумфалната порта и сите оние придружни улички кои доаѓаат од Дебар Маало, Капиштец и делот од Буњаковец да бидат со дозволена брзина од 30км/ч и да можат да бидат повеќе пешачки зони за да може плоштадот да биде место за културен и социјален живот како во другите метрополи.

Котлар посочи и дека во општина Центар неопходно е да има градинки затоа што се случува луѓето да не можат да најдат место за своите деца.

– Ние во Капиштец детектиравме објект и сакаме да разговараме со институција која е задолжена на централно ниво, го има објектот и разговараме тој објект бидејќи не е во функција, да ни се отстапи и едниот дел да биде градинка, а другиот дел да биде дневен престој за ранливите категории – децата со Даунов синдром, аутизам, да биде едно обезбедено место за дневен престој на тие деца. Ова сакам да го детектирам бидејќи мојата замисла е многу поразлична и од Богдановиќ и од Горан и тоа да биде центар на деца каде што ќе има педагози и дефектолози, рече Котлар.

Котлар кажа дека сака на тие деца да им се откријат способностите и афинитетите за да нивните семејства бидат спокојни и тие луѓе да бидат инклузивни за да бидат дел и од работниот свет, или од културниот и социјалниот свет во општина Центар.