Албанија не помина низ таков процес како во поранешна Југославија и со неа имаме исклучително добри односи на сите нивоа, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и додава дека „Албанија нема пречки да ги започне преговорите за членство по завршувањето на скринингот на ЕУ“.

Тој ова го одговорил на прашањето дали Албанија може да биде пример за Македонија во односите со Бугарија.

Запрашан дали е логичен потег да ја направат оваа дистинкција и на Европа да ѝ кажат „Албанија нека се одвои од пакетот како кандидат од Македонија“, Ковачев одговорил:

– Тоа е сосема јасно. Самиот Еди Рама неколку пати ми рече: „Ние не сме во брак со Скопје“. Ако не можат да ги исполнат европските услови за почеток на преговори, зошто Албанија мора да биде жртва и да чека нешто, за што не е нивна вина, ниту е до нив? Албанија треба веднаш по завршувањето на овој процес на ревизија на законодавството, најдоцна до крајот на годината, да ги започне вистинските преговори за членство во ЕУ. Ако дотогаш Македонија нема храброст да го промени својот Устав, нема логика Албанија да чека нешто што не зависи од самата држава, вели Ковачев во интервју за бугарски Актуално.