Шефицата на Европската комисија пристигнува во кратка викенд  посета на земјава. Неофицијални извори од кабинетот на претседателката за Сител потврдија дека таа во недела ќе допатува во Македонија. Точната агенда од европската делагација ќе ја објават во петок.

Премиерот денеска потврдува – европската интеграција на Македонија ќе биде клучна тема на разговор. Ковачевски вели дека Фон Дер Лајен е голем пријател на Македонија и доаѓа за поддршка, а не за притисок кон опозицијата за носење на уставните измени. Иако за еден месец истекува рокот кој унијата го постави за внесување на Бугарите во Уставот, Ковачевски не губи надеж дека Македонија прва ќе влезе во европското семејство бидејќи државата е најдобра во регионот.

Работните групи кои треба да го утврдат датумот за претседателските и парламентарни избори треба да се формираат во Собранието, а не во Владата вели Ковачевски. Она што е сигурно е дека изборите ќе бидат редовни, а точниот датум ќе се носи со консензус помеѓу сите партии.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред два дена јавно го повика премиерот Ковачевски да го избере било кој датум помеѓу двата најголеми празници Велигден и Рамазан Бајрам следната пролет. Засега нема информации кога ќе бидат формирани работните групи кои треба да го одредат точниот датум за изборно соочување.