На Македонија ѝ е потребна Европската Унија, нема лесни решенија за системските проблеми во нашата земја, но ЕУ ни е единствената шанса за системско решение на тие проблеми, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на вечерашното отворање на промотивен штаб во Куманово.

-Она што нѝ треба и за што се бориме е европскиот стандард, европските вредности и европскиот живот, сега, а не во некоја далечна иднина или никогаш. Нам ни требаат правилата, ни треба преговарачкиот процес со ЕУ за да можеме да ги подобриме здравството, образованието и правосудниот систем во државата “, рече Ковачевски.

Во обраќањето, Ковачевски потенцираше дека Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ која може да донесе придобивки за граѓаните.

-На нашата Македонија ѝ е потребно членството во ЕУ. Од ЕУ добиваат сите граѓани, од ЕУ ќе дојдат и фондови, ќе дојдат повеќе финансиски средства. Економијата ќе има поголеми придобивки. Инфраструктурата се подобрува, механизмите за справување со корупцијата ќе станат подостапни, да имаме пример за функционално владеење на право, едноставно животот ќе стане подобар. Единствена партија во државата која има план за Македонија е СДСМ и европската коалиција која ние ја предводиме. ДПМНЕ ниту има план, ниту има визија за подобра иднина на државата. Затоа ве повикувам сите заедно да ја исполниме таа цел, да работиме заедно напорно, затоа што со напорна работа, нема недостижна цел, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.