Со СДСМ и претседателот Димитар Ковачевски РС Македонија се потврдува како држава фактор на стабилност во регионот, соопшти владејачката партија.
– Од држава, која во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше скарана со соседите, заборавена и изолирана од меѓународната заедница, Македонија сега претставува фактор на стабилност на Балканот. Сите прашања со соседите ги имаме решено, при тоа цврсто штитејќи ги и зајакнувајќи ги националните интереси и државните позиции.
Благодарение на таквиот пристап денеска сме земја членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ, земја која што претседава со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ, и држава во која што се депонираа договорите потпишани во рамки на берлинскиот процес помеѓу земјите од Западен Балкан, објави СДСМ на својот профил на Фејсбук.
Во прилог со селфито на Ковачевски, владејачката партија натаму додава:
– За нас голема чест и признание е што постигнувањето на договорот за анексот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија се случи токму во Охрид, во нашата држава. Тоа е уште една потврда дека Македонија е почитувана и вреднувана од страна на САД и Европската Унија, се вели во официјалната објава на профилот на СДСМ на Фејсбук.