Со денешното потпишување на Договорот за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридорите 8 и 10д отпочнуваат активностите за имплементација на Проектот за изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан и на Коридорот 10д за делницата на автопатот Прилеп-Битола, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

– Изградбата на автопатските делници на Коридорите 8 и 10 е од клучно значење за подигнување на нивото на квалитетот на патната инфраструктура и сообраќај, со што уште повеќе ќе ја истакнеме гео-стратешката позиција на РС Македонија која преку овие проекти ќе стане неизбежна транспортна рута од значење за регионот, но и пошироко. Квалитетот на животот во една држава се одредува и според квалитетот на патната инфраструктура, за што и оваа 2023 година да посветиме и време и средства, објави Ковачевски на својот официјален профил на Фејсбук.

Ковачевски подолг период веќе повторува изградба на 1.300 км патишта низ Македонија, а реакциите се дека „само премиерот и власта гледаат толку изградена патна инфраструктура“. Ова Ковачевски го објавува и на социјалните мрежи, како спонзорирана објава од СДСМ.

Инаку, за овој период додека е на власт партијата на Ковачевски во коалиција со ДУИ не е изграден ниту еден автопат, се уште се одложува изграбата на автопатот Кичево – Охрид, кој почна да го гради претходната власт на поранешниот премиер Никола Груевски.

Исто така, од готови проекти, актуелната власт успеа да „одигра чочек“ за автопатот Демир Капија – Гевгелија, како и за автопатот Скопје – Штип, за кој изградија две патарини.

(Д. Г.)