Во овој момент можам да кажам дека не очекувам зголемување на цената на електричната енергија, а финалниот збор, согласно законските надлежности го има Регулаторната комсија за енергетика. Како што кажа и министерот за економија, не очекувам зголемување на цената на електричната енергија, особено за 90 проценти од граѓаните кои се во првиот и во вториот блок и кои трошат, би рекол, нормални количини на електрична енергија што му се потребни на едно домаќинство, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за колку ќе поскапи струјата.

Ковачевски додаде дека цената на сметките за електрична енергија не зависи само од електричната енергија која дистрибутерот ја обебедува од ЕСМ, туку и од други ценовни елементи.

А, финалната цена на електричната енергија ја кажува Регулаторната комсија за енергетика, каде што се калкуриураат и маржите на секој од играчите на пазарот, на преносниот систем, на загубите итн, рече Ковачевски одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претставници од здруженија на пензионери.

Од денеска за над 170 илјади  домаќинства или за една третина од околу 700 илјади домаќинства во државава, кои имаат дигитални броила, почнува евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот. Останатите треба да почекаат да им бидат адаптирани броилата.

Ковачевски го повика ЕВН, како дистрибутер на електрична енергија, да ја направи во најбрз рок замената на обични во дигитални броила и очекува тоа и да се случи поради стручноста на компанијата која, како што рече, успешно се справила и со енергетската криза минатата зима.

Се надевам дека екипите на ЕВН ќе можат сетирањето да го направат во најбрз можен рок зашто се работи за нешто што мора дистрибутерот да го направи на терен. Тие имаат екипи, имаат знаење и стручност, се работи за реномирана австриска компанија и сметам дека тоа ќе го направат на задоволството на граѓаните, рече премиерот.