Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министрите за транспорт и врски и за локална самоуправа, Благој Бочварски и Горан Милевски, како и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид на регионалниот пат Р1202, делница Маврови Анови-Жировница.

На увидот присуствуваа граѓани на овој крај, изведувачите, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуште, Медат Куртовски, како и Самир Ајдини, Директор на Националниот парк „Маврово“.

Кога станува збор за изградба на автопати, откако оваа власт ја презеде од претходната, нема ниту еден друг „чочек за автопати“, по оној кај Демир Капија, што го организира тогашната гарнитура на премиерот Зоран Заев, за делницата која ја изгради „режимот на Никола Груевски“.

Делницата Маврови Анови-Жировница е во должина од 18,5 км, инвестиција вредна 6,18 милиони евра, а реализацијата во моментот е 60%.

– Станува збор за највредниот инфраструктурен зафат во општината Маврово Ростуше. Трасата на оваа делница всушност е продолжение на веќе рехабилитираната делница Бунец–Маврови Анови. Овој патен правец ги поврзува населените места Ново Село-Бунец-Маврови Анови-Жировница-Ростуше-Бошков Мост-Дебар-Блато па се до границата со Република Албанија. Вкупната должина на патот изнесува околу 61 km. Неговата улога во сообраќајната мрежа е патно поврзување на западниот регион од нашата земја, поточно Гостивар и Дебар, како стопански седишта во овој дел на државата. На оваа релација овој пат со својот најголем дел поминува низ националниот парк „Маврово“ кој заедно со реканскиот дел е многу значаен регион, за развој на туризмот, како и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Нашиот примарен фокус е да обезбедиме подобри услови во патната инфраструктура, сѐ со цел да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот. Изминативе години во западниот регион од кој е дел и општината Маврово и Ростуше работевме на изградба на квалитетна патна мрежа и во таа насока завршивме неколку значајни инфраструктурни проекти во регионот како што е целосна рехабилитација на патот од Гостивар до Стража и Кичево, извршивме рехабилитација на патните правци Маврово-Никифорово, Бунец-Маврови Анови, а моментално се работи и тука на патот до Жировница, изјави Ковачевски и ја потенцираше важноста од довршување на патните Коридори 8 и 10 кои се крвотокот на поврзување на нашата земја со земјите од регионот и пошироко.

Премиерот Ковачевски подвлече дека изградбата на патиштата е приоритет.

– Развиена инфраструктура, значи развој на економијата во земјава. Затоа и во услови на најголема криза ние инвестираме во инфраструктурни проекти. Градиме по план, од 2017 година досега изградени и обновени преку 1.000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава. Остануваме посветени на реализација на мерките што обезбедуваат развој и унапредување на инфраструктурата. Со овие инвестиции граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата, рече Ковачевски.

Министерот Бочварски додаде дека градежната офанзива продолжува со силна динамика и насекаде низ државата и дека Владата покажа решителност и со преземање на навремени мерки обезбеден е континуитет на сите проекти.

– Важно е капиталните инвестиции да продолжат да се реализираат бидејќи градежништвото претставува мотор на економијата, а тоа е повеќе од значајно во овие времиња на светска економска криза, чии последици ги чувствуваме и во нашата држава. Економскиот бенефит кој го носи модерната инфраструктура, регионалното поврзување со соседите, безбедното патување, зголемената размена на стоки и услуги, веќе ја чувствуваме. Градежништвото мора да го одржиме на патот на закрепнување, остануваме партнери со сите градежни компании и продолжуваме да работиме на зацврстување на домашната економија и подобри услови за граѓаните, рече Бочварски.

Директорот Рустеми, истакна дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика, а овој пат е од суштинско значење за граѓаните како во регионот, така и во целата земја.

– Со проектот за рехабилитација на Маврови Анови-Жировница предвидено е да се изведат повеќе градежни зафати како што е нова коловозна конструкција, санација на осумте мостови, изведба на нови потпорни ѕидови бидејќи сите сме сведоци на честите одрони на оваа делница и други работи со кои ќе се подобри безбедноста на делницата. Во моментов интензивно се работи на повеќе точки на патната делница, а се извршуваат и асфалтерски работи. Безбедноста на државните патишта е наш приоритет и затоа очекуваме Изведувачот на работите JV “ISA 2000 – PELAGONIJA”, од Гостивар квалитетно и навремено да ја заврши доверената работа. Надзорен орган над работите е ГИМ заедно со ЕВРО Консалтинг и ИРД Енгинееринг, рече Рустеми.