Стоиме гордо на концептот за ЕУ. Во оваа држава има два концепти-едниот на чие чело стојам јас, СДСМ и коалиционите партнери. Тој концепт е со дигната глава, со горд народ, со признат македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, со заштитени културни обележја на нашиот народ, гордо да седиме на големата маса во Брисел и да преговараме за нашето членство во ЕУ. Другиот концепет е на лажна гордост, којшто го гледавме 11 години во оваа држава, истакна лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“ што се одржа во спортската сала „Парк“ во Струмица.
Тој во своето обраќање повика на силна и широка поддршка на европскиот пат и на овој концепт.
-Јас сум подготвен да водам, да преземам силни и одлучни чекори, така како што правеле и претседателите пред мене, но ми треба и вашата поддршка. Заедно да го минеме тој пат и заедно да ја оствариме оваа стратешка и македонска национална цел – полноправно членство во ЕУ. Сакаме ли на нашите македонски деца и внуци да обезбедиме мирно море, сигурна, стабилна и извесна европска иднина? Или сакаме да им оставиме проблеми, нерешени прашања и неизвесност? Дали сакаме да најдеме начин како, нашиот уникатен македонски идентитет да го потврдиме и да го однесеме во ЕУ? Наша македонска традиција, култура, храна, песна, ќе го збогатиме комплексниот европски идентитет. Или пак сакаме да останеме заглавени тука, изолирани, непризнаени од никој, вратени назад во времето и во некои мрачни времиња на неизвесност? Одговорот на овие прашања го дава и мојот одговор на прашањето дали вредеше и дали вреди. Стојам пред вас, ве гледам и со сета одговорност што ја носам и чувствувам ви велам, ви тврдам: да, вредеше, да вреди, заклучи претседателот Ковачевски.
Ковачевски се се осврна на државотворниот капацитет на партијата сите изминати години наназад.
-Струмица е олицетворение на што сме ние, социјалдемократите. СДСМ е печатот на македонската европска идеја и напредокот од осамостојувањето до денеска. На тој пат ние чекориме 31 години и тој пат ние го предводиме. СДСМ е дел од континуитетот на државничките одлуки во исполнување на македонските национални стратешки цели поставени уште од независноста, истакна Ковачевски.
Тој посочи дека СДСМ 31 година е на вистинската страна на историјата.
-Денес јас и вие можеме со гордост ние сме континуитетот на Киро Глигоров со чија мудрост стекнавме независност по мирен пат, и во едно турбулентно време бевме „Оаза на мирот“ на Балканот. Ние сме континуитет и на Бранко Црвенковски и трансформацијата на општеството, на Владо Бучковски, на Радмила Шекеринска и кандидатскиот статус на државата. Ние сме континуитетот на Зоран Заев, на храбрите одлуки со кои станавме членка на НАТО, решивме децениски спорови и изградивме Едно општество за сите.31 година СДСМ е на вистинската страна на историјата и за тоа секој социјалдемократ, секој од вас овде присутен во оваа сала е особено горд, рече Ковачевски.
Според него ако не се направат уставните измени, тогаш самите на себе ставаме пречка, сами се блокираме.
-И сите оние од ВМРО ДПМЕ и Левица што мислат да продолжат да стават сопки треба да знаат дека ние сме поголеми од нивните сопки, посилни од нивните опструкции, поистрајни од нивните лаги и на крајот оваа држава ќе стане членка на ЕУ, истакна Ковачевски.
Тој пред присутните ги образложи сите мерки на Владата кои се насочени кон надминување на економската и енергетската криза, а најави и отворање на современ откупен и дистрибутивен центар за земјоделски производи за кого завршил меѓународниот тендер.
На вечерашната трибина присутвуваше и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, а зборуваа и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, претседателот на Општинската организација на СДСМ, Борче Цветков и претседателот на СДММ, Марко Михаилоски, кој го честиташе 31 роденден на подмладокот на оваа партија.