Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека рудници во Струмичко нема да има.

Тој рече дека на следната владина седница, Министерството за економија повторно ќе ја презентира целата документација за случајот, откако вчера беше објавено дека министерот Крешник Бектеши ги измамил министрите, велејќи им дека Управен суд донел одлука за спојување на концесиите.

– На следната седница на Владата, Министерството за економија со сите документи уште од 2012 година ќе ги информира сите министри за натамошната постапка. Но, јасен е ставот на СДСМ дека рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот. Оваа Влада постапува само во интерес на граѓаните, да ги заштити од евентуални големи отштети, рече Ковачевски.

СДСМ, додаде Ковачевски, од прв ден бил против тие рудници и СДСМ и денес е против отворање на рудници кои што не ги сакаат граѓаните во нивните места. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на заедничкиот електронски систем за наплата на патарините со Србија.