Имаме енергетска криза, имаме владино мнозинство, инфлација како во сите европски земји, а немаме доволно струја и гас и нема повеќе во владините бифињата и канцеларии да се јадат морски плодови, бадеми и лешници купени со пари од буџетот.
Ова сублимирано беа информациите и причините за вонредната прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски што синоќа ја одржа во Владата, а за која народот би рекол „се тресеше гората, се роди глувче“.
Кога Владата ќе најави вонредна прес-конференција на премиерот, и тоа во доцните вечерни часови, народот очекува многу поважни вести од таа дека ако Владата не ја субвенционира струјата, таа ќе била пет пати поскапа, што како рефрен Ковачевски го повторува многу пати во изминатиов месец. Башка, како парите со кои се субвенционира струјата, да не се од тие на кои им е субвенционирана, односно граѓаните кои го полнат буџетот.
Во продолжение еве што се кажа Ковачевски на прес-конференцијата, доцна синоќа, за која на социјалните мрежи имаше безброј коментари, меѓу кои иронични дека со најавата за вонредно обраќање на премиерот очекувале дека ќе соопшти „поднесувам оставка“.
Ова не е време за политички поени
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва апелира до сите пратеници да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолживање на кризната состојба.
Како што истакна Ковачевски на вонредната прес-конференција во Владата, ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа.
-Утре имаме седница за пратенички прашања во Собранието на државата. Сакам да им укажам на Собранието и на пратниците од сите политички партии да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните и пред започнувањето на седницата да се изгласаат законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, пари одобрени од ЕБРД за справување со енергетска криза на РСМ по исклучително поволна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризната состојба. Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ова е само прв сет на одлуки на Економско-енергетскиот совет, истакна премиерот.
Откако претходно ја соопшти одлуката на Економско-енергетскиот совет, Ковачевски подвлече дека Владата се грижи за сите подеднакво и уште еднаш ги повика граѓаните да штедат струја.
-Рековме дека оваа криза заеднички ќе ја пребродиме како што ја пребродивме и КОВИД кризата. Ја користам оваа прилика, покрај овие одлуки кои вечерва ги донесовме за справување со енергетската криза да апелирам до сите граѓани да продолжиме со мерките за штедење. Секој киловат час заштеда електрична енергија значи заштеда на нашиот буџет и повеќе пари за инвестиции во нови енергетски и инфраструктурни проекти коишто ќе го подобрат во иднина снабдувањето со електрична енергија и ќе го подобрат квалитетот на животот. Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа. Сега е време на штедење и тоа штедиме за да имаме електрична енергија, рече премиерот Ковачевски.
Училиштата на регулиран пазар
Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава, без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на општините.
Советот, како што соопшти премиерот Димитар Ковачевски на вонредна прес-конференција, донесе и одлука со која сите јавни здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.
-Грижата за граѓаните и обезбедувањетоздравствена заштита е императив на оваа Влада, рече Ковачевски.
Топланите ќе бидат во функција за греење на Скопје
Се одвиваат преговори помеѓу „Адора“ и ЕСМ, кој треба да го преземе затоплувањето на Скопје, и согласно Законот за енергетика топланите ќе бидат ставени во функција за загревање на градот, изјави премиерот Димитар Ковачевски на вонредната прес-конференција соопштувајќи ги одлуките за справување со енергетската криза од вечерашната седница на Економско-енергетски совет.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека државата ќе ги земе топланите согласно член 6 од Законот за енергетика и ќе го плаќа закупот кој следува со методологијата на Регулаторната комисија.
Со оглед дека „Адора“ инсистира за продажба на топланите, премиерот посочи дека продажбата се прави врз основа на постапка.
-ЕСМ е државна компанија односно акционерско друштво во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одреден инвестициски објект, согласно со закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување договор и преземање на сопственоста и управувањето комплетно со топланите, зашто тие се дел од системот на затоплување на градот Скопје, рече премиерот.
Појасни дека според законите за енергетика и за управување со кризи ќе се изврши преземање на топланите и затоплување на Скопје со плаќање на сите надоместоци на сопствениот кои следуваат во такви услови.
Во однос на преговорите со Србија за гас, рече дека не се работи за купопродажба на гас и дека Србија ќе треба финално да каже што може да реализира од претпоставената конструкција што се прави во однос на размена на гас за електрична енергија.
– Ние ги имаме донесено сите одлуки и одобрено меморандум за соработка. Не се работи за купопродажба на гас туку за размена на гас за електрична енергија зашто ние имаме когенеративна централа која работи на гас. Србија има резерви односно складишта на гас кои може да бидат искористени за производство на електрична енергија во нашата централа. Врз основа на договор, кој се преговара и не е се уште финален, зашто од Србија треба да се проверат сите претпоставки за негово успешно реализирање, ќе биде доколку за тоа постојат 100 проценти шанси да биде реализирано. Нашите тимови и во моментов преговараат, ќе продолжат и утре и штом ќе имаме резултат, ќе им биде соопштено на граѓаните, рече Ковачевски.
Во однос на денешната презентација на Мицкоски со понуда на контакти за набавка на енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството, премиерот одговори дека опозицискиот лидер внимателно ги следел сите негови прес-конференции и на владиниот економски тим на оваа тема и дека денеска направил, како што рече, добар сублимат од тоа што тие го имаат кажувано.
-Владата донесе конкретни мерки и јас ги повикувам пратениците утре да ги изгласаат законите потребни за непречено снабдување со енергенси на граѓаните, додаде Ковачевски.
Ковачевски: Сигурен сум дека имаме владино мнозинство
Сигурен сум дека имаме владино мнозинство, рече вечерва премиерот Димитар Ковачевски.
Одговорајќи на новинарско прашање на вонредната прес-конференција, тој истакна дека не може да ги коментира внатрешните случувања во ДУИ.
Во однос, пак на именувањата на директори што ги прави Градот Скопје, Ковачевски нема, како што напомена, никакво учество.
-Сигурен сум дека имаме владино мнозинство. Не можам да коментирам внатрепартиски случувања во ДУИ, а во однос на именувања што ги прави Градот Скопје, јас немам никакво учество, рече премиерот.
Сметките од „Винска визија“ во Белград не се готови
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека сметките за учеството на самот „Винска визија на Oтворен Балкан“ ќе може секој да ги види.
Според него, точните суми, штом ќе бидат обработени фактурите, ќе бидат дел од јавните финансии, а кога тоа ќе се случи, како што рече, ќе праша во трезорот.
-Сите фактури, откако ќе бидат процесирани, се дел од системот за отворени финансии во државата и нормално, секој ќе може да ги види. Мене ме зачудува фактот што велите во однос на транспарентноста, бидејќи само пред еден месец Владата, институцијата што јас ја водам, институцијата каде што сме, беше оценета со транспарентност од 100 проценти. Се што требало да биде објавено, било објавено и нормално дека и ова ќе биде објавено. Прво, целата сума што ја кажувате вклучува и поддршка на нашите винарии кои беа на Саемот, бидејќи се работеше за најголем саем во Европа, 42 винарии и три дестилерии учествуваа од Северна Македонија, таму бевте, можевте да видите. Второ, имавме цела рекламна кампања и на македонски и на албански и на српски јазик и која одеше во етерот на социјалните медиуми со оглед на забраната што ја имаме тука за рекламирање и која ги рекламираше македонската храна, македонското вино и македонскиот туризам, рече вечерва премиерот Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања.
Во однос на Македонската вечер на Саемот во Белград, премиерот истакна дека е задоволен што земјава била претставена не само пред земјите од Отворен Балкан, туку и пред многу други.
-Вие бевте сведоци дека таму имаше сигурно над 400 гости од сите држави кои практично се дел од „Отворен Балкан“, меѓутоа и од држави што се надвор од регионот. Имавме навистина успешно претставување на нашата држава, бидејќи во центарот на една соседна земја да направите промоција на се што е македонско за мене е навистина голема работа. Таму беа голем број наши компании од винскиот сектор, меѓутоа дојдоа компании и од други сектори. Постоеше можност за разговор и на политичко и на економско ниво. И сами бевте сведоци дека беа претставници и од ЕУ и од САД и сметам дека тоа беше исто така една успешна промоција, рече Ковачевски.
Забрана за јадење морска храна, бадеми и лешници во Владата
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва соопшти дека одлучил да се забрани набавката и користењето на морска храна, бадеми и лешници во рестораните и бифеата на СОЗР. Тие финансиски средства ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории граѓани со ниски примања.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со објавите во некои медиуми дека Владата набавува морски плодови за 20.000 евра, а ќе плати и 270.000 евра за одржување на зеленилото, премиерот рече дека имало соопштение од СОЗР според кое, се работи за рамковен договор кој не се однесува само на Владата, туку се однесува на сите ресторани на СОЗР, дополнително и на претседателот на Собранието и на претседателот на државата
-Сите се снабдуваат преку СОЗР и тоа е рамковен тендер, односно рамковен договор каде што доколку некој нарача од сите овие што се корисници, тогаш нормално ќе треба тоа и да го плати. Меѓутоа, со оглед на тоа што и тоа што ќе се нарача треба да биде платено од средствата на граѓаните доколку се работи за службени ручеци или од сметка на оној што сам плаќа доколку отиде во некои од бифеата без разлика при подготовката на мерките за ранливите категории на граѓани, јас веќе одлучив дека ќе има забрана за користење во бифеата на морска храна, исто така и на бадеми, лешници,… Ќе има забрана за таква набавка и сите тие финансиски средства ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории на граѓани со ниски примања, истакна Ковачевски на вонредната прес-конференција во Владата каде ги соопшти најновите одлуки на Економско-енергетскиот совет.
Ковачевски: Ако не субвенционираме струјата петпати поскапа
Доколку не е субвенцијата на државата, сметката за струја ќе биде петпати поголема, а над 70 илјади компании во земјава со годишен промет до два милиони евра, имаат субвенционирана цена на електрична енергија, а инаку би плаќале сметка два и пол пати поголема, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто се чекало досега за мерките за справување со енергетската криза.
-Што се однесува на либерализираниот пазар, тоа се големите потрошувачи, таму имавме голем број разговори коишто ги водиме, и со Србија, и со Бугарија, и со Турција, со цел да обезбедиме електрична енергија која ќе биде пониска од цената на берзите за да може да биде поприфатлива за македонските компании. Тоа не е едноставна операција затоа што, на пример Бугарија, таму бевме на средба, сите вишоци на електрична енергија, а Бугарија има вишоци бидејќи има нуклеарен реактор во „Козлодуј“, е обврзана да ги продава преку берза и за да може да продава во директен договор тогаш тоа мора да биде направено низ соодветна законска процедура во Бугарија и во ЕУ, со оглед дека Бугарија е членка на ЕУ. Исто така, многу транспарентно информиравме дека министерот за економија е во комуникација со државната компанија за електрична енергија во Турција за да може да обезбедиме дел од нивните вишоци по поповолна цена и тоа, ајде да кажеме, двојно помала цена од берзанската да можеме да ја набавиме за нашите компании, рече премиерот.
Одговарајќи на новинарски прашања на вонредната прес-конференција, на која ги соопшти одлуките за справување со енергетската криза од вечерашната седница на Економско-енергетски совет, Ковачевски кажа и дека со Грција е разговарано и договорено да нема забрана на извоз на енергенси бидејќи во Грција има лигнит којшто се користи во нашите термоцентрали во Битола и Осломеј.
– И доколку се случи да има забрана за извоз, со оглед на тоа дека и на Грција и се потребни за производство на електрична енергија, тоа нема да важи за Република Северна Македонија, и ќе имаме непречено снабдување со овој енергенс што, исто така, се однесува и на мазутот, бидејќи мазутот се добива преку Грција во нашата држава, рече Ковачевски.
Посочи и дека Владата е во комуникација со стопанските комори и компаниите ќе треба да изразат интерес доколку се обезбеди електрична енергија веднаш да потпишат договори за нејзино користење од 1 октомври до 30 март.
Ковачевски: И државите од ЕУ имаат инфлација како кај нас
Ако погледнете во која било европска држава, инфлацијата е на исто ниво како што е кај нас. Над 20 проценти стапка на инфлација има Естонија, а таа е европска држава. Па и во регионот толку се стапките на инфлација. Ако ја погледнете инфлацијата базична во САД, на исто ниво е како и кај нас. На крај сите ќе завршат со стапки на инфлација со 10, 11 до 15 проценти, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Базичната инфлација, рече, се однесува на зголемени цени на енергенси и зголемени цени на храна и тогаш и изложеноста на инфлација е поголема.
-Во Европа има недостиг од електрична енергија. Цената е висока затоа зашто има недостиг на базна електрична енергија. Во Европа има војна. Она што се случуваше со цевководите во северот во Европа ќе има влијание повторно на енормно зголемување на цената на гасот. Она што оваа Влада го прави е токму тоа – обезбедување непречено снабдување со енергенси за производство на електрична енергија од домашните капацитети. Затоа зашто ние имаме домашни капацитети со коишто располагаме. Тие капацитети не се во најдобра кондиција затоа што се по 50 години стари, бидејќи 30 години во државата не е инвестирано во нови енергетски капацитети, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на вонредната прес-конференција.
Нагласи и дека по 36 години првпат има успешен тендер за хидроцентрала Чебрен којшто е во фаза на евалуација.
-Исто така, имаме првпат пуштање на големи фотоволтаици во системот, сега следува пуштање на една голема централа која беше предмет на негативна аукција, која е направена и само чека на приклучување на мрежата на МЕПСО или на ЕВН за да може да се користи. Веќе има стратешки проекти коишто се во финална фаза на одобрување што ќе одат на финално одобрување од страна на пратениците во Парламентот. Тоа е нешто што на државата ќе и обезбеди енергетска трансформација и која ќе и обезбеди во идните години непречено снабдување со електрична енергија. Бидејќи, да не заборавиме, ние со години сме увозници на електрична енергија, додаде премиерот.