Дијамантите повторно поштедени од европските санкции врз Русија

Осмиот пакет санкции на ЕУ против Русија содржи повеќе скапоцени метали, но не и дијамантите, клучна индустрија за Белгија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија вчера го презентираше последниот предлог за нови рестрикции врз Русија. Меѓу нив ограничување на цената на руската нафта што се извезува во трети земји кои немаат санкции против Москва, но и низа материјали, супстанци и производи, со цел да се намалат приходите на Кремљ.

Но и покрај бројните повици да се вклучат дијамантите во списокот на санкции, тоа ниту овој пат не се случи.

Дијамантската индустрија е многу важна за Белгија. Иако Белгија официјално не се изјаснува против санкции во оваа област, медиумите и експертите тврдат дека е силно лобито кое врши притисок врз ЕУ институции и земји да не се вклучат дијамантите во санкциите.

Бројни други луксузни производи како златото и други се санкционирани, но руските дијаманти сѐ уште пристигнуваат на европскиот пазар.

Според американски официјални статистики дијамантите претставуваат 30 отсто од глобалната трговија на Русија, и е во десетте главни извозни производи кога се исклучува енергијата. Во 2021 оваа трговија изнесувала над 4,5 милијарди евра за Москва.

Европската комисија предложи нов, осми пакет санкции против Русија, кој вклучува повеќе забрани за увоз и извоз, проширување на списокот на санкционирани физички и правни лица, забрана на граѓаните на ЕУ да седат во одборите на директори на руските државни компании во сопственост и ограничување на цената на руската нафта за трети земји.

– Минатата недела Русија ја засили ескалацијата на војната во Украина на ново ниво. Лажните референдуми организирани на териториите што ги окупираа се нелегален обид за заземање на земјата и насилна промена на меѓународните граници и ние не ги прифаќаме овие лажни референдуми, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Ние сме решени, додаде таа, да го натераме Кремљ да плати за оваа понатамошна ескалација.

– Новиот пакет санкции вклучува додавање на уште 1.300 физички и правни лица на листата на санкционирани лица, опсежна забрана за увоз, што ќе ја лиши Русија од приход од 7 милијарди евра, забрана за извоз на неколку клучни технологии во Русија, ограничување на цената на нафтата за трети земји, рече фон дер Лајен.

Се предлага граѓаните на ЕУ повеќе да не можат да бидат во управите на руските државни компании, што, меѓу другото, значи дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер повеќе нема да може да биде во управниот одбор на рускиот нафтен концерн Роснефт и во Надзорниот одбор на Гаспром.

Откако ја напушти функцијата германски канцелар, Шредер имаше неколку високи позиции во руски компании.