Сегашната состојба на статус-кво никому не оди во прилог. Блокадата на пристапните преговори за земјава се чувствува во целиот регион. Неопходно е Македонија да има силна и јасна европска перспектива, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
На заедничката прес-конференција по средбата, Ковачевски се заблагодари за недвосмислената поддршка од Борел, земјава да добие датум за почеток на преговорите без одлагање.
Според Ковачевски, единствено целосно обединета, Европа може да биде силна.
-Во период на нестабилност, како никогаш досега се јавува потреба Европа да биде обединета и силна. Војната која се случува е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот за што сите треба да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратешка празнина во нашиот дел од Европа не е опција, брзата интеграција на С. Македонија и на регионот во ЕУ ќе обезбеди стабилност во Европа. Потребни ни се предвидливи, забрзани и засилени процеси на интеграција во ЕУ, потенцира премиерот.
Во однос на руско-украинскиот спор, тој потсети дека Македонија како членка на НАТО и земја кадидат ја постави својата позиција во линија на своите сојузници, САД и НАТО.
Со колегата од Бугарија, дополни, воспоставен е нов принцип на соработка кој, според Ковачевски, е вистинскиот пат по кој ќе се дојдеме до решение на спорот.
-Од исклучитлена важност е ЕУ и земјите членки да се вклучат, зашто проширувањето со земјите од Западен Балкан е веќе стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи посветеност за стабилна и обединета Европа. Земјите од Западн Балкан се тесно поврзани – кога има напредок кај една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека „оваа Влада останува посветена на реформите и реформските процеси, на владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и на економските прашања, а финансиската поддршка од ЕУ ќе даде голем придонес во овој правец“.
Борел: Ова е момент на будење за Европа
Ова е момент на будење за Европа, момент кога треба да заживее процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Знам дека имате одредени очекувања и со право. Треба да почнеме формално преговарање за пристапување на Македонија и Албанија што поскоро и се надевам дека тоа ќе биде можно на следната меѓувладина конференција, порача денеска од Скопје високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
По средбата со премиерот Димитар Ковачевски, Борел истакна дека Македонија и целиот регион се стратешки приоритет и ЕУ е посветена европската перспектива за овие земји да ја направи реалност.
Борел го поздрави новиот импулс меѓу Македонија и Бугарија, подвлекувајќи дека ги поттикнува двете страни да најдат заемно прифатливи решенија и да ги разрешат билатералните прашања зашто „проширувањето не може да продолжи ако е попречено од билатерални прашања“.
-Паралелно, реформите на С. Македонија во владеењето на правото, борбата против корупцијата, дигиталната трансформнација и зелената агенда ќе овозможат брз прогрес кон преговорите. Сите актери треба да соработуваат за унапредување на европската реформска агенда како најбрз начин земјата да напредува на европската патека, истакна високиот европски претставник.
Борел ја поздрави позицијата на Македонија во однос на руско-украинскиот спор, застанувајќи зад санкциите и осудувајќи ја агресијата на Русија врз Украина.
-Одлуката да се усогласите со рестриктивните мерки, јасно ја покажува вашата посветеност кон вредностите на ЕУ и ве става на патот кон Европа не само како кандидатка за членство, туку и како одговорен член на меѓународната заедница зашто ова за што зборуваме е морален избор, а не избор поради калкулации. Јас сум сигурен дека ова го решавате врз основа на моралните принципи, подвлече Борел.
Потпретседателот на ЕК најави и нов, четврти пакет санкции за Русија.