„Беседа за Вудро Вилсон“ го нарече премиерот Димитар Ковачевски соопштението на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко објавено на Фејсбук страницата на општина Струга, потенцирајќи дека општината требаше веднаш да биде на располагање на истражните органи.

-Гледав дека од сабајле тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн и каде што кажува дека општината е отворена за сите истражни органи кои што треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи сабајле јас всушнист го бев кажал и првиот ден дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе.

Како што кажа, добро е што јавното обвинителство веќе формирало комисија која што тоа треба да го испита случајот и на таков институционален начин треба да функционира државата.

-Повторувам Владата ниту е обвинител ниту е судија. Јас нема да го правам тоа што го правеле некои поранешни премиери заради што мора да одат да живеат во други земји, рече премиерот Ковачевски.