Ако запаленото возило на Артан Груби не било во негова сопственост тогаш кој дозволил на возило кое не е на МВР или на друг државен орган, да се стават флешери и звучна сигнализација, прашува пратеникот Драган Ковачки.

Тој на својот Фејсбук профил му се обрати на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со запалениот автомобил што е или не е на вицепремиерот Груби.

-Ако запаленото возило на Артан Груби не било во негова сопственост туку се водело на име на фирма ДПТУ ЕУРОКОМ ДОО или на комшијата, а Артан само го користел (читај скриен имот на туѓо име), тогаш кој е тој што дозволил на возило кое не е во сопственост на МВР или на друг државен орган, да се стават флешери и звучна сигнализација?- прашува Ковачки.

Какви злоупотреби, додава пратеникот Ковачки, и колку пати се направени со истото тоа возило?

– Министре Спасовски, Вие ли одобривте да се стават флешери на приватно возило на фирма, кое според медиумите но и според Крешник Бектеши и Бујар Османи е во сопственост на вице-премиерот? Зошто не ја кажете вистината? По кој Закон, Уредба или Правилник е тоа направено?
Уште колку такви возила со предимство на минување на име на приватни фирми или на комшии имаме во државата? До кога граѓаните треба да ги трпат неизживеаните и аздисаните „функционери“? Затоа ли Ве плаќаат граѓаните г-не Спасовски, да молчите? Или кандидатурата за претседател и поддршката од ДУИ Ви е поважна од едни „обични флешери“? Г-не Спасовски, во цивилизирана држава за ова се поднесува оставка, затоа што Вие не сте од вчера, туку 8 години сте министер и ова мора да е со Ваше одобрение. Вака не во ЕУ, туку во Африканска Унија нема да не примат. Распад систем, вели Ковачки во објавата на Фејсбук.