Во последните неколку недели во земјава се бележат трицифрени бројки на заразени од Ковид-19.
И покрај мерките за носење маска и држење дистанца, како и воведените протоколи, епидемијата не стивнува. Здравствените власти порачуваат дека нема оправдување за неносење маска и постојано апелираат да се почитуваат сите мерки за заштита.
Од направените 912 тестирања, вчера беа регистрирани 103 новозаболени од Ковид-19, оздравеле 187, а три лица починаа. Досега во земјава се направени вкупно 127 196 тестирања. Од почетокот на епидемијата се евидентирани 12.840 позитивни на Ковид-19, излекувани се 9361 лица, а починаа 547. Бројот на активни случаи во моментов изнесува 2932.
Најмногу активни случаи се бележат во Скопје 953, во Куманово 298, во Гостивар 289, во Штип 260, во Струга 167, во Тетово 151, во кичево 126, во Кавадарци 103, во Битола 74, во Дебар 67, во Охрид 66, во Свети Николе 61, во Македонски Брод 45, во Прилеп 40, во Демир Хисар 37, во Виница 36, во Кочани 29, во Велес 27, во Струмица 23, во Пробиштип 17, во Гевгелија 13, во Неготино 12, во Радовиш 10, во Ресен седум, во Берово шест, во Крива Паланка пет, во Делчево има пет акивни случаи, во Пехчево два случаи, во Валандово, Кратово и Крушево има по еден активен случај.
На болничко лекување во моментов се 371 лице, од кои тројца се на респираторна машина.
Во меѓувреме, по неколкумесечен прекин поради коронакризата, повторно се става во функцијата електронскиот систем МојТермин. Министерството за здравство соопшти дека преку МојТермин веќе може да се закажуваат прегледи и интервенции во септември.
– Согласно изготвениот план за работа, а во соработка со Управата за електронско здравство, ќе бидат повикувани пациентите чии прегледи беа откажани изминатиот период. Исто така, сите елективни хируршки програми, кои беа претходно одложени поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, ќе бидат реализирани согласно изготвените планови и протоколи на стручните колегиуми, информираат од Министерството.
Закажаните прегледи ќе се спроведуваат согласно претходно подготвениот план и протокол за работа на установата, со задолжително користење лична заштитна опрема од вработениот персонал на сите нивоа на здравствена заштита, почитување на физичка дистанца и негрупирање.
– Воедно ќе се врши и задолжителна редовна контрола над примената на превентивните мерки и донесените протоколи за работа од назначеното одговорно лице за контрола на Ковид-19 и Комисијата за заштита од интрахоспитални инфекции, со цел да се спречи можната трансмисија на инфекцијата со вирусот. Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник. Задолжително е носењето заштитна маска на пациентот и придружникот при влез во здравствената установа на закажан преглед или прием на болничко лекување, посочуваат од Министерството за здравство.
Сите јавни здравствени установи се задолжени да постават дезинфициенси за раце при влезот во установата и тие да бидат поставени на видно место со јасни насоки за пациентите, а одговорно лице од установата е задолжено да спроведува термален скрининг, епидемиолошка проценка и контрола на носењето лична заштитна маска на пациентите, како и одржување физичка дистанца во чекалните на амбулантите за преглед, стои во соопштението од Министерството за здравство.