Здравствените институции прават детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците за да се утврди точно начинот на трансмисија на вирусот Ковид-19 во повеќе градови во државава, откако вчера беше објавено дека во претходното деноноќие се регистрирани рекордни 225 новозаразени.
По вонредниот состанок на Комисијата за заразни болести министерот за здравство Венко Филипче информираше дека врз основа на деталната анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците ќе се знае дали се потребни некакви мерки кои што би ги препорачале понатаму до Владата. Засега не се размислува за враќање на мерките за ограничено движење на граѓаните.
-Уште еднаш апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките. Очигледно дека сме пред почеток на една новонастаната есенска ситуација, којашто ја очекувавме. Ќе има дополнителни мерки доколку има зголемен број заразени. Но, точната анализа на епидемиолошките прашалници ќе ни укаже на тоа која од мерките треба да ја препорачаме и во кој временски период, изјави Филипче.
Меѓу мерките што се споменуваа во изминатиот период се намалување на времето на работа на угостителските објекти или ограничување на бројот на маси, а одлука за такви или други мерки ќе има викендов.
– Има уште неколку мерки коишто ги најавивме, но сакаме да се точно димензионирани и да ги препорачаме според оние податоци коишто ќе ги добиеме. Во текот на викендов ќе работиме, па ќе излеземе со соодветни препораки, рече министерот.
Според него, вчерашниот број на новодијагностицирани во целата држава загрижува поради тоа што просекот е повисок во однос на претходните денови.
– Во таа смисла, Комисијата за заразни болести овој викенд детално ќе ги проверува анкетните прашалници, за да се утврди начинот на трансмисија во секоја општина или град во државата, па врз основа на тоа во следните денови, на почетокот од идната недела да бидеме подготвени да препорачаме мерки, согласно начинот на пренесување на вирусот. Тие мерки мора да бидат соодветни, ги најавивме на почетокот на септември, бевме свесни дека ни доаѓа есенски перид во којшто може да има зголемен број на дијагностицирани, што сега практично се случува, истакна министерот Филипче кој синоќа беше во посета на Кочани, општина каде изминатите две недели беа регистрирани повеќе позитивни лица на вирусот нови мини кластери во некои институции, текстилни фабрики, но и меѓу здравствени работници и вработени во градинките.
Сепак, како што додаде, не се размислува за повторно враќање на мерките за ограничено движење на граѓаните.
-Рестриктивните мерки, како и секаде во светот, дадоа резултат, а по нивното олабавување се појавија нови случаи. Тоа е доказ дека вирусот е тука и дека единствен начин да се запрат сите процеси, не само во нашата држава, е да се придржувам,е кон заштитните мерки. Целосен карантин не е вистинско решение, затоа што кога и да се направи, по укинувањето повторно се соочуваме од зголемен број на случаи. Затоа апелирам до граѓаните уште поревносно да се придружуваат кон мерките, затоа што тоа е единствениот начин да се спречи ширењето на вирусот, рече Филипче.
Апел до сите за конструктивен начин на справување со пандемијата вчера упати и министерката за образовнаие и наука Мила Царовска, коментирајќи ги најавите за бојкоти и за нарушување на протоколите во училиштата, откако завчера почна учебната година, но во најголем дел он лајн.
Таа истакна дека ги почитува одлуките на Комисијата за заразни болести зашто се темелат на факти, а владината комисија која дава одобренија за настава со физичко присуство не решава, како што рече, затоа што сака или не сака да се отвори некое училиште, туку врз основа на аргументација и бидејќи смета дека постои ризик за нарушување на здравјето на целото население.
-Сега приоритет е зачувување на здравјето на сите наши граѓани, а незачувување на здравјето значи повеќе заразени и повеќе смртни случаи. Ако состојбата се менува на позитивно, нема да има некој кој ќе застане против отворање на училиштата со физичко присуство, но ако е ваква или полоша, ќе размислуваме за други прашања за да го заштитиме јавното здравје, но и да обезбедиме континуитет на наставата на начини кои се можни во тој момент, рече Царовска која вчера присуствуваше на предавање на донација од турската агенција ТИКА на ОУ „Петар Здравсковски-Пенко“ во општина Бутел.
Епидемиолошките анкети на случаите со коронавирусот во градинките, пак, укажуваат дека главно станува збор за пренос на инфекција надвор од установите. Тоа, според Министерството за здравство, значи дека доследното почитување на протоколите во рамки на установата значи безбеден воспитно-згрижувачки процес за сите деца кои посетуваат градинка и за персоналот.
-Според епидемиолошките податоци и евиденцијата на МТСП, од отворањето на градинките во 311-те објекти регистрирани се само 13 вработени позитивни на вирусот на целата територија на државата. Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца кој што е усвоен од страна на Владата во рамки на детските градинки можат да се згрижат околу 20.000 деца, а од отворањето на градинките од 9 септември до 1 октомври, од во просек 8500 деца дневно кои активно посетувале градинка, регистрирани се само 9 деца од различни градинки позитивни на вирусот со лесна симптоматологија. Од нив, во моментов пет се активни случаи, а четири се водат како оздравени, соопшти Министерството за здравство.
Статистиката на здравствените власти покажува дека во државава моментно се активни 2450 случаи на заболени од Ковид-19, а хоспитаизирани се вкупно 368. Од почетокот на епидемијата досега се дијагностицирани 18.363 случаи, бројката на оздравени пациенти е 15 164, а починаа 749 лица.