Училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата, апелираше денеска Министерството за здравство.

– Препораките на Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на почетокот на наставно-образовниот процес во оваа учебна година се темелат на анализи на актуелната епидемиолошка состојба и проекциите за можно влошување на состојбата со почетокот на есента, се наведува во соопштението.

Според Министерството, најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата.

– Сите одлуки кои ги носи комисијата се интерес на заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни, се истакнува во соопштението на Министерствотто за здравство.