Бројот на активни ковид случаи во Македонија се зголемува. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, активни се 6.395 случаи од кои најголем број се во Скопје 3203. Во Куманово има 455 активни случаи, во Велес 328, во Прилеп има 257, во Битола 216, во Кавадарци 211, во Штип 207, во Охрид 192…
Од направени 3.210 тестирања, како што покажуваат податоците од ИЈЗ за изминатите 24 часа, регистрирани се 444 нови случаи на Ковид-19, оздравеле 225 пациенти, а осум лица починале.
Од Министерството за здравство соопштија дека во текот на завчерашниот ден аплицирани се вкупно 6.089 дози вакцини, од кои 709 како прва доза, 1.148 се ревакцинирани, а 4.232 граѓани примиле трета доза вакцина.
Заклучно со 26 октомври, вкупно се вакцинирани 802.705 граѓани, ревакцинирани 772.424, а трета доза примиле 20.119 граѓани.
Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираа од Министерството за здравство.
Досега во земјата се направени вкупно 1.372.834 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 200.856, бројот на оздравени пациенти е 187.374, а на починати е 7.087.
Што се однесува до состојбата со Ковид-19 во другите држави, бројот на заразени и починати се зголемува, во некои земји се воведуваат построги рестриктивни мерки, а во други остануваат во сила одредени санитарни мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот.
Во земјите од Источна Европа регистрирани се рекорден број новозаболени, како и зголемен број на смртни случаи. Русија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Романија и Полска се погодени од нов бран на коронавирусот. Во Русија денеска се потврдени 1.123 смртни случаи, што е највисока дневна бројка од почетокот на пандемијата. Во изминатите 24 часа регистрирани се 36.582 новоинфицирани лица, од кои 5.789 во Москва.
Во Бугарија за еден ден забележани се 6.813 новозаболени лица, што е најголема дневна бројка. Бугарија има најмал процент на вакцинирани луѓе од земјите-членки на Европска Унија. Во изминатите 24 часа починале 124 луѓе, со што вкупниот број на смртни случаи се искачи на 23.440.
Чешка со население од 10,7 милиони жители пријави 6.274 новозаболени, што е двојно повеќе од пред една недела. Во Чешка, 6,06 милиони луѓе примиле две дози вакцина против Ковид-19. Во Унгарија регистрирани се 3.125 новозаразени, што е највисока бројка од април годинава. Во земјата досега од последици од коронавирусот вкупно починале 30.647 луѓе, а вакцинирани се околу половина од населението.
Романија е најпогодена земја од новиот бран на Ковид-19, а стапката на смртност е највисока во светот. Во Полска пријавени се 8.361 новозаразени и 133 смртни случаи. Од почетокот на пандемијата со Ковид-19 се инфицирале околу три милиони луѓе, а починале 76.672 лица.
Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката Влада денеска одлучи да воведе построги рестриктивни мерки кои ќе стапат во сила од понеделник, а не се исклучени и нови доколку продолжат негативните трендови.
Од понеделник сите ученици и студенти кои се „самотестираат“ за да можат да посетуваат настава, тоа во иднина наместо еднаш ќе треба да го прават два пати неделно. Дополнително, од понеделник се воведуваат почести редовни задолжителни тестирања во здравствените и социјалните установи, а маски ќе треба да носат и вакцинираните, доколку се во директен контакт со други лица.
Сопствениците на локали ќе треба да ги контролираат ковид-пропусниците на посетителите, а доколку одбијат да ги покажат или да се идентификуваат, да им се забрани влезот, во спротивно тие се одговорни, беше речено на владината прес-конференција.
– Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба во епидемијата досега. Доколку ситуацијата не се промени и ако бројот на лица хоспитализирани на интензивна нега поради Ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (во моментов 133), тоа би значело можно затворање на делови од општествениот живот, изјави министерот за здравство Јанез Поклукар.
Предупреди дека со тренд од 3.000 или 4.000 новозаразени дневно, ова е последен момент за „да се спречи Бергамо и колапс на здравствениот систем“, пренесува Хина.
Шефицата на владиниот експертски тим за Ковид-19, Матеја Логар, изјави дека е можно како последна мерка да се овозможи работа и слободно движење само за оние кои се вакцинирани против Ковид-19 или кои оздравеле и имаат имунитет, и воведување на онлајн часови или задолжително тестирање за сите ученици и студенти.
Поради тешката состојба и приливот на нови пациенти, најавено е дека ќе бидат отворени уште две болници за пациенти со Ковид, па од следната недела ќе ги има 15. Владата соопшти дека за 24 часа имало 3.166 нови инфекции, што е голем пораст на бројот на заразени во споредба со пред една недела, кога беа регистрирани 2.145. Досега во Словенија се регистрирани повеќе од 3.000 новозаразени само на 5 јануари, кога имало 3.428, а загрижувачки е растечкиот удел на позитивни тестови – во последните 24 часа имало 38,1 отсто.
Во словенечките болници во моментов има 526 пациенти со коронавирус, од кои 133 се на одделенија за интензивна нега, а за 24 часа имало девет смртни случаи од последиците од Ковид-19, соопшти претходно Министерството за здравство.
Зголемувањето на бројот на новозаразени, особено во северниот дел на Грција, што е веќе во црвената зона на епидемиолошката мапа, во комбинација со ниската стапка на вакцинирани и во пресрет на парадите за националниот празник утре, предизвикуваат загриженост во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Завчера беа регистрирани речиси 4.000 нови случаи на Ковид-19, односно 3.937 новозаразени, највисока бројка во изминатите два месеци, а за 24 часа починаа 54 лица, што исто така е зголемување на бројот на смртни случаи.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 720.295 случаи на Ковид-19, а починаа 15.682 лица.
Владата во Белгија донесе одлука заштитните маски и Ковид пропусниците да бидат задолжителни во целата држава, со надеж дека ќе се спречи четврти бран на Ковид-19. Од 1 ноември полицијата ќе биде овластена да го контролира спроведувањето на ковид сертификатот на сите места каде што се бара. јави дописничката на МИА од Брисел.
Германскиот Парламент, пак, соопшти дека нема да ја продолжи вонредната состојба поради епидемијата на национално ниво, кога ќе заврши следниот месец, но ќе останат во сила одредени санитарни мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот.
Повеќе од 18 месеци по затворањето на меѓународните граници на Австралија, во иднина целосно вакцинираните граѓани нема да мора да бараат одобрение за напуштање на земјата, се наведува во заедничкото соопштение на министерствата за здравство и за внатрешни работи. Ова е соопштено во време кога стапката на ревакцинирани возрасни лица во земјата се доближува до целта од 80 проценти.
Американската лабораторија „Мерк“ објави дека е постигнат договор што ќе овозможи дистрибуција на големо на генеричка верзија на нивниот антиковид лек за лица заразени со вирусот. Договорот меѓу „Мерк“ и МПП ќе придонесе за поголем пристап до „Молнупиравир“ во 105 земји со ниски или средни приходи. Антиковид лекот прво мора да добие одобрение од регулаторните тела. Во САД и Европската Унија веќе почнаа со евалуација на лекот.