Институтот за јавно здравје во периодот од 13 до 19 септември регистрира помалку новозаразени со Ковид-19. Во државава досега се вакцинирани вкупно 774.422 граѓани. Согласно вчерашните податоци регистрирани се нови 554 случаи на Ковид-19 од направени 4.072 тестирања. Оздравени се 891 пациенти, а пријавени се 17 починати лица.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 187.622 бројката на оздравени пациенти е 168.700, на починати е 6.489, а бројот на активни случаи изнесува 12.433.

Во периодот од 13 до 19 септември годинава тестирани се вкупно 28.972 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,2 проценти во однос на минатата недела, се вели во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Регистрирани сe 3.340 нови позитивни случаи од 32 градa во државата, за 3,7 посто помалку од минатата недела.

Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 14,3 проценти, просечно 11,4 посто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.669; 50,0%), a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци – 280,8/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица
на возраст над 60 години (n=979, 29,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=143; 4,3%).

– Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 каде што има зголемување за 50,5 посто и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2 проценти, се наведува во извештајот на ИЈЗ.