Дарко Јаневски

На следите редови ме поттикна вчерашното писмо на Горан Ангелов во кое меѓудругото вели: „Секој народ има свои изроди кои повеќе се грижат за својот џеб, ама кај нас Македонците изгледа ги има најмногу“.

Јасно ви е на што Ангелов мисли. Подоле се редовите за тоа како се постапувало кога биле добиени парите од откупот на мис Стон, некои 14 500 турски лири, кои, по сите пресметки и конвертирања кои своевремено ги вршев, излегоа дека денес би вределе најмалку два милиони долари, според една варијанта, а според друга, дури седум милиони долари. Значи тие луѓе, кои минале месеци и месеци по планините, голи, боси, искинати, гладни и под постојана потера, не чепнале ниту една лира. Ако забележите внимателно, Чернопеев за татко му добил бедни пет лири, по многу инсистирање на Гоце Делчев, а Крсто Асенов, зел пари на заем.

„Во февруари 1902 година, по шест месеци, конечно е договорена размената: мис Стон, Катерина и малечката Елена, биле ослободени за 14.500 турски лири. Жените требало да бидат однесени во Струмица. За ова Дилбер Атанас запишал:
‘Приквечерината спроти 22 февруари 1902 година тргнавме со жените. Дуваше силен ветар. Патот беше речиси непрооден. Требаше да ја минеме реката Струма која беше многу надојдена. Од другата страна на реката не чекаа неколку селани кои требаше да не префрлат. Најнапред го поминавме коњот на кој јаваше мис Стон. Стефан Мандалов, кој не го испушташе детето, исто така, среќно ја мина реката. Сите бевме наводенети до гуша. Се тресевме од студ.’
Рано утрината на 23 февруари 1902 година (недела) групата стигнала до селото Градошорци. Тука комитите се збогувале со жените и бебето, по што се изгубиле во шумата. Мис Стон и Катерина, влегле во Струмица, со што завршила целата одисеја.
Стефан Мандалов и групата се упатиле кон селото Нивичино каде биле известени дека во Костурино ги чека Гоце Делчев. Славниот војвода и Манданата се знаеле од порано, а според сите податоци, Делчев во него гледал добар соработник.
Парите од откупот биле распределувани и трошени под строг надзор на Делчев (дел од овие пари бил употребен и за солунските атентати). Главните учесници во целата афера не зеле ниту една лира. Крсте Асенов, за да преживее неколку недели во Софија, зел пари од мајка си. Чернопеев дури по многу убедувања од Гоце Делчев примил 5 лири за да ги однесе дома, и за да може со жената и семејството да го пречека Велигден во 1902 година. Јане Сандански не сакал ни да чуе за награда. Знаејќи во каква беда живеел таткото на Сандански, Иван, некогашен знаменосец во Кресненското востание, Делчев му испратил пет лири преку Никола Малешевски. Сите други учесници во аферата ‘Мис Стон’, по наредба на Гоце Делчев, добиле по еден револвер.
Во лоша материјална состојба било и семејството на Манданата. Крајот на зимата 1902 година, тој го дочекал во четата на Чернопеев. Од тој период веројатно потекнува и неговата фотографија со братот на Гоце, Милан Делчев. Потоа, веројатно поради проблеми со бугарската власт, Манданата е интерниран во Северозападна Бугарија. Оттаму, на 15 мај 1902 г. на Гоце Делчев му испраќа писмо со кое бара помош, не пари, туку Гоце да се заземе кај своите пријатели и да му се најде некаква работа за да може одново да застане на свои нозе, и не само да ги прехрани жената и децата, туку и да и помага материјално и на организацијата.
Колку што ни е познато, нема податоци што всушност се случува со Манданата во тој период, освен што од писмото до Гоце Делчев станува јасно дека кога аферата мис Стон завршила, него почнала да го притиска желбата за семејството и грижата за тоа како неговата жена се снаоѓа и живее со децата. ‘На оженетиот човек, патриотизмот му се загушува поради очајната положба на децата’, му се жали Манданата на Гоце.

Писмото на Манданата до Делчев
БРАТ ГОЦЕ, ДОЛЖЕН СУМ КОН ТАТКОВИНАТА, НО И КОН МОИТЕ ДЕЦА!

15 мај 1902 г. Фердинанд
Брат Гоце
Во престолнината Софија
Откако ме интернираа помина повеќе од еден месец и како и секој интерниран сум под полициски наѕор во градот Лом…
Потоа дојдов во Фердинанд каде има еден наш учител, Андон Поп Стојанов. Мајка му скоро беше дојдена од нашето село. Ми раскажа дека жена ми и децата се наоѓаат во тешка ситуација, а јас како татко на тие деца, должен сум и кон татковината, но и кон нив. Јас ви се молам, г. Гоце, дали може да се најде некоја работа за мене, за да можам да им помогнам на децата. Мојата совест не ми дозволува повеќе да зборувам за ова, зошто многу добро знам колку вреди секој грош и секоја стотинка и јас сум првиот што е против да се бараат незаработени пари. Затоа и не би побарал парична помош за која не можам да се оправдам пред совеста, но вие имате доволно пријатели на кои можете да им се обратите и да ми најдете работа за неколку месеци, од што би можел да спечалам нешто, да се зафатам пак со самостојна работа и да го помагам движењето… Во секој случај, го барам вашиот совет и одговор на ова писмо… На оженетиот човек патриотизмот му се загушува од очајната положба на децата…
Со поздрав
Ст. Мандалов

Но, има и други примери. Славниот Леонид Јанков, кој загинал во 1905 година кај Ѓавато, учесник во Илинденското востание, татко на две малолетни деца, оженет со најубават девојка во тој крај, Марија, непосредно пред да загине бил во Софија. И се шокирал кога видел како видни членови на Организацијата со народни пари, како што сведочел, „седат по кафеани, со пиво во раката и курви на коленото“. „Затоа ли изгинаа илјадници луѓе во востанието“, разочарно се прашувал Јанков, „за овие сега да лумпуваат?“

Леонид Јанков

Но изгледа тоа е посебен доказ дека ние сме Македонци, а не Бугари (иако, рака на срце  нашите источни соседи и „браќа“ не се многу различни од нас), бидејќи нам и денес животен идеал ни е тоа што било видено од Јанков. Неговиот внук, Румен, кој живее во Софија, при еден наш разговор ми рече:

„Леонид се оженил млад. На 18 години ја зел убавицата Марија од селото Бојмица. Но, не можел да ги трпи неправдите и станал четник. Учесник е и во првата битка на ВМРО против Турците, на чело со Христо Чернопеев, кај селото Бајалци. Учествувал и во Илинденското востание, по што како и многу други побегнал во Софија. И тука, гледал како многу видни дејци на ВМРО седат по кафеаните со курви на колено, јадат, се пијанчат, нешто што тој не можел да го сфати. Многу бил разочаран од тоа. За тоа ли се боревме, за тоа ли изгинаа илјадници луѓе, се прашувал?…“

Румен Леонидов

И ми додаде:

„Имал убавица за жена, две мали деца, а тој животот го минал по планините. Кога загинал, едното дете имало три, другото пет години. Каков човек треба да бидеш за да заминеш да се бориш, а да го оставиш семејството? Тоа е друга психолгија која ние не можеме да ја сфатиме. Тоа се нарекува патриот, човек кој се бори за себе, за народот, за слободата и достоинство. Тоа денес веќе го нема. Секој би рекол: Кај ќе одиш да умираш, за што, живеј си го животот и трај!“