Дарко ЈАНЕВСКИ

Откако спроведе мека, но мошне офанзивна, секојдневна кампања во стилот „тивка вода, брег рони“ за тоа дека децата можат да одат на училиште и да бидат физички присутни во клупите, и откако секој ден преку „независното и нерадикално, плус професионално“ македонско новинарство на кое и опозицијата се воодушевува како да е во седумдесетите години од 20 век пред насловна страница на Плејбој, не убеди дека тоа е безбедно, власта почна да ја турка идејата за одржување на седниците на Собранието од дома – он лајн. Зашто не било безбедно и зашто фините пратенички души имале лоши, злобни рецептори во носот, грлото и душникот, па можеле да го закачат вирусот, ама децата не. За децата е безбедно, па поради тоа секој ден добиваме како работните луѓе и граѓани ширум оваа татковина на братски народи и народности, со 90-процентна согласност се изјаснуваат дека ќе ги испратат учениците во клупите.

Се разбира, детето на Филипче немало да оди на училиште, ќе учи он лајн, ама добро, тоа е само зашто Филипче е глупав и сака детето да му остане неписмено. Овие другиве, оние 90 отсто се паметни и нема да дозволат интелектуално и умствено осакатување на најмалите.

Арно ама, тоа што е безбедно за децата, не е безбедно за пратениците. Веќе ви објаснив зошто! Не ја споменав нивната сина крв од виенскиот двор, не научена на вируси, за разлика од небањата сељачана, ама не мора до толку да одиме со „завидливизмот“. Така, може да се случи да дојдеме до ситуација нашите пратеници и пратенички да си шетаат дома по гаќи и танги и да гласаат закони. Не за друго, туку за да помогнат да се спречело ширењето на епидемијата. Така што, не се грижете: ова не е мерка за нивно, ова е мерка за ваше добро. Зашто колку помалку се шири епидеијата кај народните избраници, толку помали се шансите и вие да се заразите. За такво нешто, ете, тие би ги жртвувале и патните трошоциц, оти, ако гласаат по гаќи и чорапи од дома, нема сметки од патарини и сметки за бензин, нели? И ете двојно добро за вас: ем помали шанси да се заразите, ем заштеда во буџетот.

Само злобници како авторот на овие редови, мислат дека целта на оваа идеја е да се избегне фактот дека власта со мнозинство од 62 пратеника, ако не добие поддршка од опозицијата, нема да може да одржи речиси ниту една седница на Собранието. Имено, за да може парламентот да функционира, во салата мора да се присутни 61 пратеник во секој момент. Така вели Уставот, член 69:

„Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници.“ Излезе ли еден да го олесни бабулето, нема кворум. Додуше ова со бабулето не го вели Уставот, но така е!

Ете, црно на бело. Деловникот вели малку поинаку (само за гласање), но затоа пак истиот Деловник вели дека Собранието работи според Устав и според Деловник, па оттука, валидна е и уставна одредбата за присуство на 61 пратеник. А и Уставот е повисок акт, нели? Додуше не секогаш, ама ај сега… Таа бројка од 61, во најголем број случаи, власта нема да може да ја обезбеди, па затоа, велат оние што имаат злобна душа, сака да го протурка ова со гласањето од дома. Со дозвола секоја пратеничка (а и по некој пратеник) да побара пауза кога ги лакира ноктите. Да не се размачка лакот!

Идејата е супер. Само што има една фалинка – мора прво да се смени самиот Деловник. Тој, имено, никаде изрично не вели дека седниците на Собранието се одржуваат исклучиво во собраниската сала, но тоа е така само затоа што тоа се подразбира. Од друга страна, има серија одредби во самиот Деловник кои упатуваат токму на тоа – седниците се одржуваат во собраниска сала, а не во кујна, во тоалет или во спалната од домовите на пратениците, во најголем дел купени со наши пари, за истите тие да ни овозможат да живееме како бедотија.

Па, така, на пример, член 85 став 3 вели:

„Пратеникот кој се пријавил за збор, а не е присутен во САЛАТА кога е повикан да говори, го губи правото на збор за претресот за кој се пријавил и не може повторно да се пријави за истиот претрес.“  

Како ќе ја примените оваа одредба? Како ќе гласи таа при он лајн седници? Но, уште нешто: таа укажува на тоа каде се одржуваат седниците на Собранието.

Или член 93, став 2:

„Пратеникот кој е отстранет од седницата, должен е веднаш да ја напушти САЛАТА во која се одржува седницата.“

Оваа одредба се однесува на ситуација кога пратеникот не се придржува на редот во Собранието, па добива опомени, па потоа и бива отстранет од седницата. И оваа одредба упатува на тоа дека седниците се одржуваат исклучиво во собраниска сала, а не дома или од некое паркче, на плажа во Турција или Египет или на скијање во Италија.

Да одиме на член 97 став 4 кој се однеусва на поименично гласање. Па вели:

„Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во САЛАТА, не може дополнително да гласа.“

Ако забележувате и оваа одредба упатува на тоа дека местото каде се одржуваат собраниските седници е собраниска сала. Зошто? Затоа што не може поинаку. На пример, дали при он лајн седници би се важело ако пратениот бил повикан да гласа, ама тој не е во собата туку отишол да си свари кафе во кујна и од таму се дере: „Даааа“! Што е всушност собраниска сала во овој случај?

Став 5 од истиот член вели:

„За време на поименичното изјаснување на пратениците, вратите од САЛАТА во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното гласање“.

Што правиме со оваа одредба? А, генијалци? Само да напоменам дека поименично гласање може да се побара за секое гласање, за било што, доколку при првото гласање имало до пет гласови помалку од потребниот број гласови.

Да одиме на тајното гласање од член 4 и член 98 од Деловникот. Тоа се врши на ист начин како што и секој од нас гласа на избори. Во овој случај, гласањето се спроведува во собраниската сала, и ако не се лажам, имало неколку такви ситуации.

И вака можеме да го листаме Деловникот до крај. Но, јасно е дека собраниските седници се одржуваат во собраниска сала, со физичко присуство на 61 пратеник и никако поинаку.

За да биде поинаку, мора да се смени Деловникот. За негова промена потребни се 61 глас. Но, освен во една ситуација, досега Деловникот се менувал со консензус. Па сега видете вие.

За крај, да повториме уште еднаш: сето ова кажано е од злобни побуди. Идејата пратениците да гласаат од тоалет, од кујна, од тераса… не е затоа што власта без опозицијата нема да може да одржи ниту една седница бидејќи ќе нема кворум, туку за да се спречи ширењето на корона вирусот. Во врска со што, ако го прашате Филипче, ситуацијата е под контрола и е стабилна. Затоа пратете ги вашите деца на училиште и не се секирајте. Неговото ќе остане дома. Што велите? Во кое училиште 99 отсто од родителите рекле дека се за настава со физичко присуство? Во сите? Даааа! И сите директори на училиштата рекле дека имаат услови? Нормално! Па тогаш, што чекаме – децата на училиште, пратениците дома – он лајн!