Како министри и министерки слушајте го гласот на граѓанинот како прецизна насока која доаѓа од највисоко ниво и од која нема отстапување. Mора да им служиме на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, раса, боја на кожа, потекло, припадност на маргинализирана група, јазик, социјално потекло, образование, религија, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев денеска при врачувањето на мандатните писма на министрите во Владата на Република  Македонија.

– На парламентарните избори кои се одржаа пред месец и половина, граѓаните на Република Северна Македонија избраа да продолжиме да ја движиме државата напред. Ни го дадоа нивниот глас и доверба, и ние сме обврзани во четиригодишниот мандат, да им обезбедиме уште поквалитетен живот, каков што би сакале за себе и своите најблиски.  Ние, почитувани колеги, имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а овие мандатни писма се еден доказ, нешто што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале. Гласот на секој граѓанин е глас за одбрана од коронавирусот КОВИД-19 и за успешно справување со здравствено-економската криза, глас за новата македонска економија, за нови и добро платени работни места, за правна и праведна држава, за чиста и здрава животна средина, за функционална инфраструктура, за ефикасно поврзување дома и со светот, за силна национална култура по угледот на европската и за образование, кое младите генерации ги подготвува за подобра сегашност и подобра иднина, нагласи Заев.

Од министрите очекувам во извршувањето на нивните должности и Програмата за работа на Владата во наредните четири години да се вклучат без задршка и со целосна професионална посветеност.

-Имаме свечена и суштинска обврска,  агендата за која се обврзавме пред граѓаните да ја остваруваме со максимален вложен напор, преку ефективно извршување со најдобри можни резултати, без компромиси и оправдувања, бидејќи пред јавноста сме искрени и ќе  ги ставиме на располагање сите механизми за да ја следи нашата работа, рече Заев.

Како претседател на Владата, како што посочи, ќе ја унапреди структура на неговиот кабинет, со цел да биде уште поотворен и да обезбеди постојана двонасочна комуникација со сите граѓани и заедници на кои им е потребна помош од него лично и неговите служби.

Заев ги задолжи министрите на редовна и отворена комуникација со сите граѓани и засегнати страни во општеството преку унапредување на каналите за респонзивност, вклученост и учество. Овие принципи, додаде, важат и за односот кон медиумите, кои, како што рече, се нивни канал за комуникација со граѓаните.

-Оваа Влада е мала, но секој од нас ќе се посвети на успешно и ефикасно работење: справување со светската пандемија со коронавирусот и надминување на здравствено – економската криза, ќе даде нова енергија во создавањето на подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции кои почитуваат ред и владеење на правото, ќе обезбеди услови за помодерно, европско образование,  ќе остане активна членка во НАТО и со силна волја ќе продолжи во напорите  за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавјето за членство во Европската унија, истакна Заев.

Додаде дека сето ова ќе го остварат заеднички но, како што рече, секој ќе даде свој придонес во областа за која е избран.

-Сакам да ја искористам приликата, свечено, но и обврзувачки да ви ги доделам мандатните писма, во кои номинирајќи вѐ како министри очекувам од вас одговорно и посветено извршување на должностите и очекувам резултати, за чие остварување постојано ќе се проверуваме, и ние, а ќе не проверуваат и граѓаните. Да не заборавиме дека сме менливи, и таа менливост да ни биде мисла водилка да им служиме подобро, поефикасно на граѓаните, рече Заев.

Граѓаните имаат очекувања, истакна премиерот, а министрите се на позиција за да направат сѐ што е потребно за Владата да ги исполни очекувањата.

Заев при предавањето на мандатните писма на министрите им посака среќа, здравје и успешна работа и побара да соработуваат со сите вработени и да ги искористат сите потенцијали во јавната администрација.

– Во целото ваше делување бидете им пример на тие со кои работите и на граѓаните за кои работите.
Придржувајте се до Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и ширете ги етичките вредности. Вложете максимални напори, на крајот на нашиот мандат во 2024 година, како резултат на позитивните промени кои ќе ги направиме, Северна Македонија да биде земја во која граѓаните сакаат да живеат и да придонесуваат за нејзино постојано унапредување. Тоа граѓаните го очекуваат од нас, им порача премиерот Заев на членовите на новата Влада..