Светската здравствена организација денеска прогласи крај на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“, соопштувајќи дека не се пријавени нови случаи од 25 мај.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека и последното лице кое било под опсервација го завршило карантинот, има негативен тест и се вратило дома, што ѝ овозможи на здравствената агенција на ОН и официјално да прогласи крај на епидемијата.

За време на епидемијата беа идентификувани и надгледувани повеќе од 650 контакти во околу 30 земји, додаде тој. Беа регистрирани вкупно 13 потврдени инфекции и три смртни случаи.

Неколку патници се заразија со реткиот сој Андис на вирусот за време на патувањето со луксузниот крузер „Хондиус“, управуван од холандската компанија „Оушнвајд експедишнс“ (Oceanwide Expeditions), кој тргна од Аргентина во април.

Варијантата Андис е единствениот познат сој на хантавирус што е способен за ограничен пренос од човек на човек. Хантавирусите вообичаено се шират преку глодари, најчесто преку честички од измет кои се пренесуваат во подигната прашина.

На бродот „Хондиус“ имало околу 150 луѓе од 23 земји. Пловилото се закотви на шпанскиот остров Тенерифе на 10 мај, по што на патниците им беше дозволено да се вратат во своите матични земји под посебни безбедносни мерки.

СЗО го оцени ризикот за пошироката јавност како низок и повтори дека нема закана од епидемија од големи размери или пандемија.