Кралот на Тајланд, Маха Вачиралонгкорн, кој в сабота ќе биде и службено крунисан, денеска објави дека се оженил четврти пат и својата сопруга ја прогласи за кралица на државата.

Во соопштението од кралската палата се наведува дека Сутида Вачиралонгкорн На Ајуѓа (40), која официјално е венчана за 66-годишниот крал, сега е Кралица Сутида.

Иако таа веќе три години е позната на јавноста, многу малку се знае за неа, поради што веста претставува  изненадување за многу Тајланѓани. Таа е четврта сопруга на тајландскиот крал и поранешна стјуардеса, која го запознала Маха на еден лет.

Сутида во 2013 година и се придружила на кралската гарда и станала командант на кралските безбедносни единици, а моментно има чин генерал.

Кралот Маха пред неа се женел и разведувал трипати, а крал стана во 2016 година по смртта на неговиот татко.

На телевизија била прикажана снимка од нивната венчавка, на која кралот е во бела униформа, а Сутида во розова традиционална облека и се потпишуваат во матична книга.

Кралот е познат по своето ексцентрично однесување, меѓу другото и што својата пудлица Фу Фу ја назначил за генерал, а кога угинала ја погребал со сите државни почести. Тој, исто така, на една прослава во 2007 година својата тогашна сопруга ја натерал пред гостите да јаде гола од чинијата на пудлицата.