Рускиот претседател Владимир Путин и германската канцеларка Ангела Меркел одржаа средба во палатата Мезеберг, што траеше три часа, а како што соопшти Кремљ, двајцата лидери оствариле сериозни и детални резговори.
– Беше тоа долг разговор, многу сериозен и детален, истакна портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, по синоќешната средба на Меркел и Путин.
Песков наведе дека Путин и посочил на Меркел дека е подготвен да го продолжи дијалогот со германските компании.
– Путин и Меркел детално зборуваа за билатералните односи и со задоволство констатираа дека обемот на трговската размена меѓу двете земји е во пораст, истакна портпаролот на Кремљ.
Тој наведе дека рускиот претседател за време на разговорот ги повикал европските земји активно да помогнат во враќањето на сириските бегалци во нивните домови.
– Тие детално разговараа за сириското прашање. Путин укажа дека процесот за враќање на бегалците во Сирија треба постепено да се зајакнува и ги повика европските земји да дадат свој придонес со цел тој процес да биде неповратен, изјави Песков.
Додаде дека било отворено и прашањето за политичко решение во Сирија.