Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, денеска обвини дека случајот „Мазут“ доживеал „тивка амнестија“ по одлуката на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја прекине истрагата.
Милошоски на прес-конференција изјави дека главниот обвинител во ЈО ГОКК, Ислам Абази, има „лична и политичка концесија“ кон лидерот на ДУИ Али Ахмети, поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на СДСМ Венко Филипче, кои, според него, биле „ментори на неговата кариера“.
Тој посочи дека истрагата се однесувала на набавка на мазут вредна 167 милиони евра, а како лица блиски до СДСМ и ДУИ ги спомена Васко Ковачевски, Ерџан Сулкоски, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски.
Според Милошоски, и покрај тоа што истражители од МВР обезбедиле релевантни докази за, како што рече, „коруптивна и скапа набавка“, обвинителите Ислам Абази и Коларевиќ одлучиле да ја прекинат истрагата.
ВМРО-ДПМНЕ побара претседателот на Советот на јавни обвинители да изврши надзор над работата на обвинителите во ЈО ГОКК, оценувајќи ја одлуката за прекинување на истрагата како контроверзна.
„Јавноста има право да го дознае секој детал за оваа набавка од 167 милиони евра“, рече Милошоски, додавајќи дека владеењето на правото може да се зајакне само доколку случаите за висока корупција добијат судска разрешница.




