По разговорот со лекарите од Итната медицинска помош, судијката Добрила Кацарска рече дека расправата за настаните на 27 април минатата година во Собрание ќе се одложи, бидејќи обвинетиот Мунир Пепиќ треба да оди на интернист. Ново рочиште закажа за 21 септември.
Пред сослушувањето на третиот сведок Курто Дудуш, судењето за настаните на 27 април минатата година во Собрание на РМ беше прекинато, бидејќи му се слоши на обвинетиот Мунир Пепиќ. Судијката Добрила Кацарска даде пауза од половина час, а интервенираше и Итна медицинска помош.
На следното судско рочиште за настаните во Собранието на 27 април треба да сведочат Курто Дудуш, Душица Мрѓа, Агим Нухиу, Сашо Тасевски, Владимир Трајков…
Претходно денеска сведочеше пратеникот Ферид Мухиќ. Тој на прашање на обвинителката Вилма Русковска рече дека на 27 април бил во галеријата на прес-салата во Собранието. Таму влегол меѓу последните и кога привршувале говорите на Зоран Заев и Талат Џафери видел дека влегуваат луѓе во Парламентот. Рече дека имало напади кон Заев и оти еден од луѓето кои влегле го погледнал и кон него фрлил топка од ногарка.
– Почувствував дека можеби нема ништо против мене, но имаше енергија на непријателски став и тоа се чувствуваше во воздухот, рече Мухиќ.
Тој посочи дека кога толпата се качила горе во галеријата, ја отворил вратата и на негово изненадување, како што рече, луѓето како да не го забележале и продолжил да оди до галеријата над салата 4, каде што имало уште неколку пратеници.
– Во сала 4 слушнав гласови… зборуваа дека се работи за команден центар, рече Мухиќ и додаде дека тоа го сфатил кога некој прашал „до каде е работава, другиот рекол Села е готов, а за останатите се уште нема резултати“.
Мухиќ рече дека некој со качулка на глава пришол до нив и им рекол да седат тука и да не мрдаат…, а потоа слушнал друг глас, кој викал „идат шиптарите“. Еден од нив, како што додаде Мухиќ, му рече на другиот да провери дали е точна информацијата и ако е точно да им даде оружје на нашите.
– После 15 минути слушнав глас како некој кажува дека горе е Ферид Мухиќ и оти тргнуваат да го фатат, додаде Мухиќ.
Рече дека луѓето се качиле во галеријата, вербално го нападнале, но потоа некој ги викнал и сите излегле, а по некое време дошле полицајци кои ги извлекле од галеријата.
– Некој од пратениците Албанци кажа дека имало група Албанци со оружје кои сакале да преминат преку Вардар, но биле спречени од пратениците за да не дојде до поголем конфликт, рече Мухиќ.
Тој посочи дека бил потресен од случувањата и оти бил под впечаток на замав на експлозија на омраза.
– Како филозоф бев збунет до каде може да оди човечката ирационалност, рече Мухиќ и нагласи дека не заборава, но простува.
Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.