Управата за финансиска полиција до скопското Основно јавно обвинителсво поднесе кривични пријави против Веле Груевски, поранешен градоначалник на општина Зелениково во периодот од 2013 – 2017 година, лицето И.Н. во својство на Управител на Друштвото за завршни и занаетчиски работи во градежништвото „Изолација“, С.Т., во својство на инженер за изведба, Б.Ј.Ј., во својство на надзорен орган, С.С.Б. во својство на претседател на комисијата за јавната набавка, Д.Ѓ. во својство на член на комисија за јавна набавка и К.С. во својство на член на комисија за јавна набавка, поради основано сомнение за сторени кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување и Поттикнување.

Поранешниот градоначалник во соизвршителство со третопријавениот С.Т. во својство на инжинер за изведба и четвртопријавената Б.Ј.Ј. во својство на надзорен инженер, поттикнати од И.Н. во својство на управител на Друштво за завршни и занаетчиски работи, во текот на 2017 година ја злоупотребиле службената положба и овластување на начини што првопријавениот потпишал и исплатил средства во износ од 2.198.109,00 денари од буџетот на општината на сметката на пријавеното друштво „Изолација“. Друштвото наводно извршило работи за крпење на дупки, иако наведените работи не биле во целост извршени, ни по квалитет, ни по квантитет и на тој начин предзивикале штета на Општината Зелениково во износ од 903.190 денари. Петтопријавената С.С.Б., во својство на Претседател на комисијата за јавната набавка, а шестопријавената Д.Ѓ. и седмопријавената К.С. во својство на членови на комисијата, во текот на 2017 година, поттикнати од второпријавениот И.Н., ја злоупотебиле својата службена положба и овластувања на начин што свесно и со однапред утврдена намера во постапката за јавна набавка на градежни работи, предвиделе ограничувачки и дискриминаторски критериуми, не побарале задолжителна согласност од Советот за јавните набавки, извршиле незаконска евалуација на понудите и спротивно на законските прописи понудата поднесена од страна пријавениото Друштво за завршни и занаетчиски работи во градежништвото „Изолација“ ја избрале за најповолна понуда, при тоа овозможувајќи му на пријавениот правен субјект да се стекне со противправна корист од 2.536.943,00 денари.