Во моментот нема потреба од прогласување кризна состојба во делот на енергетиката, а надлежните уверуваат дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане иста до крајот на годината. Доколку има потреба, ќе се интервенира, велат од Владата. Оттаму не очекуваат поголеми ценовни шокови.
Наспроти ова тврдење, деновиве беше потврдено дека од Европа сме предупредени за четири упади во заедничкиот енергетски систем и недозволено влечење струја од заедничкиот „резервоар“ кој се користи за исклучителни ситуации, како што се хаварии, елементарни непогоди и слично. Цената на оваа недозволено „позајмена“ струја е многукратно повисока и истата ќе ја плаќаат граѓаните. Исто така, деновиве во повеќе наврати е пишувано дека нема доволно јаглен во електраните и истиот треба допрва да се увезува.
Премиерот Зоран Заев не очекува инфлацијата да надмине три отсто до крајот на годинава и вели дека државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа.
– Инфлацијата не очекуваме да биде поголема од три проценти, а според последните податоци кои ги имаме е 2,8 проценти. Не очекуваме зголемена инфлација ни за годинава, ниту за годините што следат до 2026-та. Курсот на денарот е стабилен има и стабилни цени. Меѓународниот пазар има влијание врз цените на некои од производите, како што беше со маслото за јадење чија цена се зголеми пред шест месеци или цените на нафтените деривати и во моментов на природниот гас и на електричната енергија на берзите. Тоа не зависи од нас, но државата е целосно подготвена за стабилизирање на цените од енергетскиот шок кој се случува во Европа, истакна Заев на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими.
И министерот за економија Крешник Бектеши, кој вчера раководеше со Комисијата за електроенергетска кризна состојба, не очекува големи ценовни шокови.
– Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде треба за да нема такви ценовни шкови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари, рече Бектеши по седницата на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, додавајќи дека сега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.
Надлежните уверуваат дека се преземаат мерки и се ставени на располагање сите механизми со цел да се обезбедат доволни количини на електрична енергија. Веќе е ставен во функција вториот блок на РЕК Битола, а се очекува успешно да зварши и тендерот за набавка на јаглен за вклучување на третиот блок на РЕК Битола. Испратено е и писмо до стопанските комори за набавка на мазут во случај да треба да се вклучи ТЕЦ Неготино, а работи и ТЕЦ Осломеј.
Како што соопшти Бектеши, во земјава се произведуваат 300 мегавати електрична енергија, а потрошувачката е околу 500 мегавати.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа да се формира кризен штаб за брзи решенија за енергетската криза и обвинија дека власта не е способна да се справи со предизвиците.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера од Битола оцени дека земјава е пред економски колапс и оти ни се заканува тешка зима со рестрикции. Според него, кога РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и хидроелектраните „би работеле така како што треба“, тогаш целокупната потрошувачка на електрична енергија би можела да се произведе дома по исклучително ниска цена.
Според информациите кои ги изнесе Николоски, капацитетот на РЕК „Битола“ е 660 мегавати на час, а во моментот работаат само два блока со производство на струја колку за еден блок.
– Според нашите информации јаглен има само за две недели, а потоа повторно ќе има проблем со производството на електрична енергија. Нема концепт, не се гледа решение, а идејата за носење јаглен од Косово е нереална, затоа што Битола нема инфраструктура што ќе издржи 500 камиони што ќе пренесуваат јаглен, рече Николоски.
Владата верува дека земјава закрепнува од економската криза предизвикана од Ковид-19 и се надева дека со Планот за забрзан економски раст, кој вчера го презентираше, до 2026 година ќе има зголемување на стапката на раст од 2,5 на 5 проценти, намалување на невработеноста на 8,6 проценти и буџетски дефицит на ниво од 2,2 проценти од БДП. Планирани се јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра во следните пет години кои ќе мобилизираат дополнителни осум милијарди евра инвестирани од приватниот сектор.
– Овој план ќе ја зацврсти констатацијата дека Северна Македонија е земја со предвидливи услови и клима за инвеститорите, бидејќи ги содржи основните аспекти кои се од примарна важност за домашните и странските инвеститори. Планот е приказ на изворите на финансирање, областите и секторите во кои ќе се инвестира, финансиски инструменти атрактивни за инвеститорите, целосна мапа за реализација на истиот, но и мерки за реализација и ублажување и управување со евентуалните ризици при имплементација, рече премиерот Заев.
Покрај традицоналните извори на финансирање, предвидени се и нови иновативни решенија како што се развојните обврзници преку кои ќе се обезбеди финансирање на развојни проекти од национално значење, потоа проектни обврзници кои ќе се нудат за да поттикнат инвеститори да се вклучат во финансирање на поспецифични развојни проекти, како и обврзници индексирани за инфлација кои ќе бидат еден вид на долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии. Средствата што ќе бидат обезбедени преку овие обврзници, како што посочи министерот за финансиии, ќе одат за инвестиции за јавниот сектор.
– Со Планот овозможуваме позабрзан економски раст и зголемување на конкурентноста на нашата економија, а со тоа да се достигне до просечното ниво на развиеност на земјите од Европската унија во наредниот период, нагласи Бесими на прес-конференцијата во Владата.
Планирано е да бидат емитувани и првите зелени обврзници со цел да се обезбеди зголемено финансирање за подобра енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, олеснување на управувањето со отпадот, поддршка на одржливото земјоделство и многу други еколошки прифатливи проекти.