Македонија е пред енергетски колапс, и се заканува тешка зима со рестрикции и проблем со затоплување. Оваа неспособна власт на Заев ја донесе Македонија во ситуација во која никој не можеше да ја замисли и сега разговараме дали Македонија воопшто ќе има струја, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при денешната посета на Битола.

Николоски истакна дека како резултат на неспособните политики на Заев многу веројатно Македонија ќе нема струја во текот на зимата и ќе има рестрикции и тоа е така не само заради енергетската криза во Европа, туку и заради неодговорното работење на власта.

– Македонија има доволно  капацитети да ја произведе целокупната струјата која ја троши. Кога би работеле како што треба РЕК Битола, РЕК Осломеј и хидроцентралите, Македонија може сама да си ја произведе целокупната потрошувачка на електрична енергија за домаќинствата и стопанството.  Но заради неодговорниот однос тоа не се случува, рече Николоски.

Тој додаде дека оваа власт нема решение за јагленот затоа што со години наназад комбинатот се уништуваше, додека идеите за носење на јаглен од Косово се нереални прво нема толку јаглен видовме дека никој не се јавува на тендерот, а покрај тоа треба 500 камиони да транзитираат и нема инфраструктура тоа што може да го издржи.

Во однос на најавите на Заев за гаснење на РЕК, Николоски изјави дека тоа ќе ја уништи и македонската економија но и животите на околу 7.000 жители кои својата егзистенција ја обезбедуваат преку комбинатот.

– РЕК произведува над 80% од електричната енергија која што ја троши Македонија, тоа е практично срцето на македонската економија и домови, но за жал изминативе 5 години е континуирано уништуван и има најави од Зоран Заев дека од 2025 и 2027 целосно ќе биде изгаснат. Неговото гаснење  ќе значи уништување на животите 5 до 7 илјади битолчани кои директно или индиректно ја наоѓаат својата егзистенција преку РЕК, но уништување на македонското стопанство, рече Николоски