Угостителите во Вевчани да ги затвораат објектите според препораките, автопревозникот, кој врши јавен превоз на територија на општината, да ги применува сите пропишани протоколи и мерки за заштита од Ковид 19, а граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита и да се воздржат од славење слави, свадби и други свечености.

Инспекциите и полицијата да контролираат согласно законските прописи.

Ова се дел од препораките на Општинскиот кризен штаб во Вевчани за заштита од пандемијата кои беа донесени поради зголемениот број инфицирани со коронавирус.

На он-лајн состанокот беше упатен апел до вевчанци без нужна потреба да не ги напуштаат домовите, да не практикуваат славење куќни слави, свадби, веридби, родендени и слични групирања до смирување на пандемијата.

– Граѓаните максимално и совесно да ги применуваат мерките за заштита. Полицијата и инспекциските служби поревносно да ги спроведуваат законските мерки во однос на носење на заштитни маски, групирање и држење на социјалната дистанца. Посебен акцент да се стави на проверка на луѓето, кои се во изолација или се Ковид-позитивни и најстрого да се санкционира доколку не се придржуваат, бараат од Општинскиот кризен штаб.

Доколку угостителите не се во можност да ги затворат објектите, според препораката, најстрого да ги применуваат препораките за дистанца, носење маска, дезинфекција и да се водат според дозволениот број на гости во своите локали. Авто – превозникот кој врши јавен превоз на територијата на општина Вевчани да ги применува сите пропишани протоколи и мерки за заштита од Ковид 19, да вози со преполовен капацитет на луѓе во возилата, социјална дистанца, носење заштитни маски, редовна дезинфекција…

Во моментот во Вевчани активни се над 30 случаи, од кои дел терапијата ја примаат во дневната болница адаптирана за пациенти позитивни или суспектни на Ковид 19 во Здравствениот дом. Од почетокот на пандемијата досега се регистрирани со 105 заразени лица со коронавирус.