Расте бројот на кучиња скитници во Тетово, како и пријави во МВР за напади искасани граѓани.

Вчера 27-годишна тетовка пријавила дека била нападната од куче скитник во населбата Блок 70, завчера 32- годишна скопјанка исто била нападната од куче.

Секој ден во билтените на МВР се бележат напади од кучиња и искасани граѓани, но треба да се има предвид дека не сите нападнати пријавуваат.

Проценките, како што објави Слободен печат, се дека само во Тетово има над 500 улични кучиња. Општината со здружението Амос има потпишано договор да се згрижат 83 кучиња скитници, а градоначалникот Билал Касами неодамна изјави дека и на волонтерска основна за кратко ќе започнат активности за третирање на овие бездомни животни.

Засега властите проблемот со кучињата го решаваат со најави и предлози, а минатата недела од општината објавија и Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња. Целта е како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.

Граѓаните ваквата најава ја оценија како несериозна.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој е нов претседател на Центарот за развој на полошкиот плански регион, неодамна изјави дека само со регионален пристап ќе може да се реши проблемот со кучињата скитници во полошкиот регион.

Слична состојба како во Тетово, Гостивар е и во Скопје. Струга, Кичево, Струмица и во останатите градови во Македонија.