Офанзивниот играч од средниот ред на Барселона, Филипе Кутињо, призна дека не знае каде ќе игра во новата сезона.

Тој веројатно ќе биде продаден по слабата сезона, а Каталонците имаат потреба од свежи пари за обезбедување на двете трансфер цели – Нејмар и Антоан Гризман.

– Имам договор со Барселона и мојата цел секогаш била да успеам во овој клуб, но сега сум целосно концентриран на Копа Америка со Бразил. Не знам што носи иднината и дали ќе останам во Барселона, изјави Кутињо.

Според него, во медиумите излегуваат многу работи кои воопшто не се точни.

– Никој од нас не знае што ќе му предложи иднината. Искрено, сезоната не беше добра за мене. Не покажав она што сакав и како што се надевав. Но верувам дека ова ќе ми биде за лекција. Не е важно дали сезоната е слаба или добра, човек секогаш треба да сака повеќе, додаде Бразилецот.

Тој е поврзуван претежно со ПСЖ, Челзи, Манчестер Јунајтед и од пред неколку дена, со неговиот поранешен тим Ливерпул.