Мајорка за која и македонскиот фудбалер Александар Трајковски одигра десетина минути, го изненади Реал Мадрид со 1:0, шокирајќи го фаворитот кој на ова гостување настапи ослабен, а и не баш мотивиран.

Реал повеќе не е прв на табелата, на врвот во шпанската лига сега е Барселона.

За Реал ова е прв пораз сезонава, но тимот и кога победува не игра којзнае колку добро, додека Барса тргна очајно, а сега ја крена формата и се враќа на посакуваниот пат.

Дали причината е ВАР технологијата или нешто друго, но сезонава, првпат во историјата на Ла Лига по првите девет кола, не е досуден ниту еден пенал за двата најтрофејни шпански клуба, а и едните и другите добија по три црвени картони.

Синоќа кај Реал „поцрвене“ деснот бек Одризола, а во текот на сезонава исклучени беа и Модриќ и Бејл.