Најмалку девет лица загинаа денеска, кога се урна зграда во Лагос, но стручните служби предупредуваат дека таа бројка е далеку од конечна и се очекува смртниот биланс да се зголемува. Овие девет случаи се потврдени откако нивните тела се извлечени од под урнатините.

Во спасувачката акција досега се спасени 19 лица, од кои четири деца, кои веднаш се пренесени во болница. Спасувачката акција ја спроведува Агенција за управување со вонредни состојби во Лагос, кои се во трка со времето и се жалат на потешкотии, бидејќи не можат со опремата да влезат во зграда. Еден од спасувачите изјави дека под урнатините се наоѓаат заробени уште најмалку 10 деца и оти тие се живи.

Утрово во нигерискиот град Лагос се урна трикатна зграда, каде приземјето се користело за деловен простор, на вториот и третиот кат имало станови за домување, додека на на третиот било лоцирано приватни градинка и основно училиште.

Во моментот на несреќата, според локалните медиуми, во зградата имало околу 100 деца и се стравува дека повеќето се мртви. Медиумите известуваат дека на местото на настанот се слушаат воздишки, лелеци и плач од родителите кои се обидуваат да ја дознаат судбината на нивните деца.

Засега не се познати причините за уривањето на зградата.