Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера соопшти дека Аргентина, заедно со Иран, се на пат да станат членки на групата БРИКС, која ги вклучува економиите во развој.
– Се разбира, и Аргентина и Иран се достојни и почитувани кандидати, како и голем број други земји кои, исто така, се споменуваат во дискусиите, рече Лавров, кој е во работна посета на Ашгабат, Туркменистан.
Лавров на прес-конференцијата по средбите со домаќините потврди дека прелиминарниот процес за пристапување на Аргентина е веќе почнат и дека конечната одлука за пристапувањето на двете земји ќе биде донесена со консензус.
И портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, исто така, на каналот Телеграм потврди дека и Аргентина и Иран ги поднеле своите официјални барања за членство во БРИКС.
Организацијата е основана во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина и својот инаугуративен собир го имаше на самит во Екатеринбург, во Русија. Јужна Африка стана членка на организацијата во 2010 година.
БРИКС денеска претставува над 40 отсто од светското население и околу 26 отсто од светската економија.
Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез минатата недела за време на 14-от самит на БРИКС, преку видео конференција, побара неговата земја да стане членка на органзиацијата. Аргентинскиот лидер ја истакна желбата на јужноамериканската земја да се приклучи на БРИКС, инсистирајќи дека „Аргентина сака да се приклучи кон овој простор и да го понуди својот придонес како членка“.