Изградбата на гасоводот „Северен поток 2“ стана прашање на честа за Германија, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
-Мислам дека за нас дојде време да се смириме за ова прашање. Секојдневно гледаме како САД се обидуваат јавно да ги понижат ЕУ и Германија и како бараат Германија да го напушти „Северен поток 2“ и да премине на многу поскапиот американски природен гас. Ова прашање, сега лично мислам, стана прашање на честа за Германија, рече Лавров.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во понеделникот изјави дека Вашингтон формира коалиција за да го попречи завршувањето на гасоводот „Северен поток 2“.
На почетокот на септември германската канцеларка, Ангела Меркел, и нејзиниот министер за економија, Петер Алтмаер, ја разгледаа можноста за запирање на работите на гасоводот „Северен поток 2“ од Русија кон Германија, како дел од воведувањето санкции против Москва поради труењето на опозиционерот Алексеј Навални.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц потоа рече дека не треба да се поврзуваат труењето на критичарите на руската Влада и гасоводот „Северен поток 2“.
„Северен поток 2“ треба да го удвои капацитетот на постојниот „Северен поток 1“, гасовод од Русија до Германија. Се очекува да почне со работа од следната година, бидејќи се завршени повеќе од 90 проценти од градежните работи.