Русија ги смета активностите на НАТО на Арктикот како директна закана за својата безбедност, напиша рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во денешната објавена статија.
Во февруари НАТО ја почна мисијата „Арктички стражар“ со цел да го засили своето присуство на крајниот север, што го нагласува зголеменото внимание што алијансата му го посветува на Арктикот во услови на зголемени тензии со Русија и притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп за стекнување контрола врз Гренланд.
Русија, која има воена морнарица со подморници со нуклеарно оружје на Арктикот, го смета регионот за своја сфера на интереси, каде што истовремено развива поморска маршрута за поврзување со азиските земји.
Москва веќе ја критикува мисијата „Арктички стражар“, а во написот на Лавров се наведува дека Русија ги смета воените вежби на НАТО во регионот за „агресивни“.
„Таквата воена активност на крајниот север претставува директна закана за безбедноста на Русија. Се зголемуваат ризиците од инциденти, кои би можеле да предизвикаат вооружена конфронтација со потенцијално катастрофални последици“, напиша Лавров во написот објавен од руското Министерство за надворешни работи.
Русија има најголемо воено присуство и најзначајна воена инфраструктура во Арктикот, а во последните години Кина почна да ја засилува својата активност во тој регион богат со минерални ресурси, главно во партнерство со Москва.
Соседна Норвешка овој месец ја прошири неодамна формираната воена бригада со седиште на Арктикот – најновиот чекор на земја членка на НАТО за зајакнување на военото присуство на алијансата.
Москва ги отфрла тврдењата дека претставува закана за НАТО.




